Во Македонија постои јасно изразен оптимизам за затворање на прашањето на Грција околу употребата на името на Македонија, ова вчера го посочи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на средбите во Атина со шефот на дипломатијата Никос Коѕијас и заменик-министерот за надворешни работи за европски прашања и меѓународни економски односи, Јоргос Катругалос.
Според Османи, оваа година претставува историска шанса за надминување на недоразбирањето и дека како политичари кои ја добиле довербата да ги предводат своите граѓани, имаат обврска да покажат зрелост и сериозност за да не се пропушти оваа шанса. Пред соговорниците тој посочил дека во Македонија постои јасно изразен оптимизам за затворање на ова прашања и изразил надеж дека, заедно со позитивните сигнали кои доаѓаат и до страна на Грција ќе биде надминато.
Додека вицепремиерот Бујар Османи имаше средби со неговите домаќини во грчкото МНР во Атина, пратеници од ултра десничарската и националистичка партија Златна зора, заедно со група нивни поддржувачи се собраа на протест пред зградата на Министерството за надворешни работи на Грција. Дописникот на МИА јави дека демонстрантите подигнале пано на кое пишувало „Македонија е грчка“, извикувале слогани „Предавници“ и „Тргнете ги рацете од Македонија“, а на оградата од министерство закачиле порака: „Отстапувањето на името Македонија за државичката на Скопје е еднакво на национална распродажба“.
Од МНР за МИА вчера потврдија дека новата рунда разговори за решавање на спорот за името ќе се одржи на 17 јануари во Њујорк. Разговорите со медијаторот доаѓаат во период на интензивирани активности и оптимизам во Скопје, Атина, Брисел и Вашингтон, за конечно затворање на дводеценискиот спор за името.