Академик А. Шкокљев-Дончо и Славе Катин
ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ
ДЕЛ 10
Меѓу палеобалканската популација на Централниот Балкан биле Бригите и Тракијците. Доаѓањето на Бригите на просторите на Балканот, најверојатно се случил од север, со бранот индоевропски миграции, во средината или крајот на Вториот милениум пред Христа. Бригите биле индоевропски народ. Тракијците, пак, биле најброен народ на светот и би биле непобедиви да биле сложни и да имале еден поглавар.
******************
Меѓу палеобалканската популација на Централниот Балкан, Бригите заземаат значајно место, а меѓу малоазиските, Фригите. Етнонимот потекнува од сложениот палеобалкански збор bri-рoj, bri-мов и ge-земја, област. Инаку, бригите се антички народ северно од Бореја во Македонија, во околината на Преспанското Езеро. Со миграцијата во Мала Азија го добиле називот Фриги.
За Бригите, Херодот ( VII, 73) ги дава следните информации: “На Фригите, по кажувањата на Македонците, во времето додека живееле во Европа и им биле соседи на Македонците, името им било Бриги, а кога се преселиле во Азија, истовремено ги смениле и родниот крај и името, и се нарекле Фриги.”
Според археолошките и историските истражувања, најголемиот број автори (Страбон, VII,7,9; Папазоглу, 1957 г.; Гарашанин, 1983 г., 467-170) прото Бригите ги лоцираат на просторот меѓу Преспанското и Охридското Езеро, Драч, Јужна Албанија и Епир или попрецизно, во горниот тек на реката Еригон, а нивни соседи биле: Енхелеите, Партините, Линкестите и Деуриопите.
Главен град на Бригите бил Кидрај (kidros-славен), на северозапад на планината Варнус ( Баба, со висина 2177 м.), покрај Преспанското Езеро ( limne brigeis), по кого добиле својот етноним, додека пред тоа се викале Мосиничани, по топонимот Мосна кај Ѓердап на Дунав.
Доаѓањето на Бригите на просторите на Балканот, најверојатно се случил од север, со бранот индоевропски миграции, во средината или крајот на Вториот милениум пред Христа. Бригите биле индоевропски народ, сроден на Тракијците (Томсон, 1954 г. 291). Во митологијата и во историјата тие се попознати како Фриги, народ во Мала Азија, отколку како Бриги, народ на Балканот.
Во преданијата на Кадмо, епонимен херој на Кадмејците, жители на беотска Теба (1313 г. пред Христа), а во неговото кралување кај Енхелејците, кои живееле долж Црн Дрим, како и во борбите со Илирите, Бригите не се сомневаат. Тие не се споменуваат ниту како учесници во Аргонаутската експедиција во 1225 г. пред Христа.
На овие простори тие најверојатно дошле меѓу Кадмовата миграција, 1313 г. пред Христа и Аргонаутската експедиција, 1225 г. пред Христа (Томсон, 1954 г., 291), а нивната миграција хронолошки се врзува со 1200 г. пред Христа кога се случило паѓањето на хетитската држава.
Најзападниот дел на нивната покраина на Хелиспонд и Тројада се викал Мала Фригија, а поголемиот дел во долината на реката Сангариј, Голема Фригија. Во Тројанската војна Фригијците биле сојузници со Пријам против Грците. Од друга страна, младиот Пријам им помогнал на Фригијците во борбата против Амазонките.
Од митските личности на Фригијците познати се кралевите Пелоп, Танталов син, и Мид, Гордиев син. Фригиецот или Лиѓанецот Пелоп, ги повел Ахејците, во средината на XIII век пред Христа, од тесалска Фтија на Пелопонез. Таму се оженил со Хиподамија, ќерка на елидскиот крал Енонај. Таа му родила шест сина, од кои најпознати биле Атреј и Тиест и три ќерки. Од Атреј потекнува Агамамнон, кој станал крал на Микена во 1200 г. пред Христа, инаку војсководец на Грците во војната против Троја. Другиот син, Менелај, бил маж на убавата Елена заради која избила Тројанската војна.
Митскиот основач на фригиската држава и на градот Гордион, на власт дошол по братоубиствената војна, на воловска кола и со орел. На Гордиовата кола јаремот бил врзан за рудата со јазол кој не можел да се одврзе. Според пророштвото, оној кој ќе го одврзе јазолот ќе владее со цела Азија. Тоа го сторил Александар Македонски со својот меч. Како кралеви на Фригија Хомер (XVI, 718) ги спомнува Димас и Отреј.
Гордиев син бил Мид кого го сметале за мудар и неизмерно богат крал. Во митологијата тој е познат по приказната “за магарешките уши на кралот Мид”. Меѓутоа, во легендите има збрка меѓу Мид од фригија и Мид кој имал градини со рози во подножјето на македонската планина Бермион, каде што залутал Силен, учителот на богот Дионис.
Според најновите истражувања (Петров, 1996 г. 208), миграцијата на Бригите и Мизите од централнобалканските простори се одвивала во повеќе бранови и правци. Првиот поголем бран се случил околу 1500-1400 г. пред Христа во правец кон Мала Азија. Вториот помал бран во ист правец се случил по Тројанската војна, т.е. 1193 г. пред Христа. третиот бран се одвивал во правец кон Епир, Грција и Италија, околу 800-700 г. пред Христа. Фригиската држава исчезнала во почетокот на VII век пред Христа.
Во митологијата, Трака е епонимна хероина на Тракија, ќерка на Океан и Партенопа, сестра на Европа, полусестра на Азија и Либија (Африка). Името на земјата Тракија потекнува од зборот тракс-Тракиец, додека зборот трасис- заначи срдечен, смел, пркосен. Според Херодот (V,2), по Индите, Тракијците биле најброен народ на светот и би биле непобедливи да биле сложни и да имале еден поглавар.
Во праисторијата Тракијците го поседувале целиот простор на Балканскиот Полуостров меѓу Дунав, Црното и Егејското Море, а на запад до границите на земјите кои, главно, достигнувале до Дрина. На север ги населувале денешните Романија, Унгарија и Украина (Hoddinott, 1981 г.). Нивното потекло не можело да се утврди, како ни областа од каде што дошле на Балканот. Според Хомер, сите земји северно од Тесалија биле Тракија. Нивен бог бил Посејдон, како и боговите Дионис, Артемид и Салмоксис. Тракијците биле сојузници на Троја во војната против Хелените.
Класичните подоцнежни литературни податоци за Тракијците се многу сиромашни, но најновите антрополошки истражувања на многу научници од Балканот, по Втората светска војна, утврдиле дека потеклото на Тракијците е од Кавказ. На југоисток во Европа, во Балканско-Карпатскиот регион, тие дошле во неолитот преку Мала Азија, Црното Море и Дунав, а, пред се’, преку Вардарско-Моравската долина (Hoddinott, 1981 г. 15). Се утврдило дека Тракијците биле многу способни земјоделци и рудари, имале заедница со социјално зрела структура, но и еден етнички амалгам од различни народи кои во период од околу 2000 години постепено се асимилирале.
Заедниците во Македонија и во северниот Егеј, во класичниот период, од страна на Хелените го добиле името Тракијци. Не е познато како тие се викале меѓу себе (Hoddinott, 1981 г., 27). Што се однесува до обичаите, Херодот (V, 2-8) изнесува дека тие имале обичај да ги продаваат своите деца во странство. Кога се раѓало детето, тие кукале заради неволјите кои ќе мора да ги трпи во животот, а умрените ги спалувале и ги погребувале со игра и голема веселба.
Тетовирањето било знак за високо благородништво. Невработеноста за нив била нешто најубаво, а земјоделството нешто најлошо. Да се живее од војување и ограбување, за нив било најголема “гордост”. Се претпоставува дека Тракијците зборувале со балканска палеоглосологија.
За јазикот на Тракијците потврдува и ономастиката. Од оронимите тоа се планината Хем (хаима-крв која тече, но и род), потоа планината Родопи (родон-ружа, роза и сборот опс, опсис-изглед, лице) и др; хидронимите, на прво место е Истрос (кованица истиа-храна и гео, го-струја, вода, река), реката Хебар (кованица хебос-млад и хебе-зрелост, напон и зборот рео и рос-струја, река, т.е. Еврос). Следат Местос или Нестос (полн), Асимос (незначителен) итн.
Меѓу многубројните племиња најпознати се Гетите кои верувале дека се бесмртни. Тие живееле меѓу Хема и Дунав, а потоа се преселиле преку Дунав и добиле име Дачани. Во време на Демостен имале три државички. Од другите племиња биле: Траузите, Скирниидите, Нипсеиците и др. Како тракиски крал се споменува Ликург (ликос-волк), кој според митологијата бил син на Дријант, внук на Аеј, крал на Едонците. Тој бил сурово казнет кога во митологијата се споменува околу Македонија и египетскиот крал Озирис.
Имено, кога Озирис и’ го препуштил владеењето со Египет на својата жена Изида и тргнал да го освојува Балканот, со себе ги понел и своите синови Анубис и Македон, кои биле врвни воини. Бидејќи во Тракија го убиле кралот Лигурк, Озирис го прогласил Македон за крал и го оставил во земјата која по него е наречена Македонија (Diodonus Sic., I 18, 1, 20, 3). Други кралеви на Тракија биле: Амикос, Олор, Ринеј, Спаргапита, Терс, Тереј, Анадокос, Ситалк (со ордиско потекло) и други.
Тракија била богата со шуми, рудници за сребро, житарици и коноп. Во текот на персиските војни Тракија била, меѓу првите на Балканот, окупирана од царот Дариј, во 512 година пред Христа па се’ до 479 гдина пред Христа кога персискиот поход на Балканот бил скршен.
*******************
Инаку, публикацијата од “Панонија до Егеј”, чиј автори се академик д-р Антоније Шкољев-Дончо и Славе Николовски-Катин, издадена од Издавачката куќа “Македонска искра” од Скопје во 2007 година, на 196 страници е напишана со желба да понуди еден научен поглед, еден систематизиран прилог за овие европски простори од праискона, што можеби би било предизвик на одредена појава на научниците, пред се’ историчарите и лингвистите, за неконформистичка анализа на праисторијата врз основа на новите извори на информации.
КРАЈ