„Фронт21/42“: Владата да не креира илузии за грижа туку веднаш да прогласи мораториум на градење во Охрид

Граѓанската еколошка асоцијација „Фронт 21/42“ во реакцијата по повод објавувањето на предлог-законот на Владата за времена забрана за градење во Охридскиот регион бара од централната власт во земјата да не креира илузија туку навистина посветено да почне да се грижи за единственото светско природно и културно наследство во земјата.

Од „Фронт 21/42“ ја поздравуваат одлуката на УНЕСКО да го стави Охрид на листата на светски наследства во опасност, оттаму што сметаат дека тоа е единствениот начин да се зачуваат оние универзални вредности кои се уште постојат во нашето најголемо природно и културно богатство и можеби да се унапреди состојбата на оние кои се веќе уништени.

Според активистите на здружението, мошне е погрешна стратегијата на актуелната власт да купува време, за што како аргументи посочуваат примери, како што беше надзорната расправа во Собранието што заврши со заклучоци кои навидум најавија драстична промена на претходната политика и решеност за справување со илегалните активности и деструкцијата, а ниту се реализираа ниту пак некоја институција покажала намера да ја следи и обезбеди нивната реализација.

„Прикажување на работата на Комисија за управување со Охридскиот регион како спроведување на препораката за мораториум во извештајот на нашата земја до УНЕСКО е уште еден очигледен пример – во извештајот се наведува дека Комисијата одобрила само 8 од 33 барања кои пристигнале до неа во обид да се почитува препораката за мораториум и спроведе „контролирана урбанизација“, стои во реакцијата од „Фронт 21/42“ притоа посочувајќи оти она што е изоставено во извештајот се одлуките за легализација на над 500 илегални градби, владините планови за Коридорот 8, новата марина, новата урбанизација на крајбрежјето, новиот кеј, планот за нова индустриска зона…

Како последен пример на лошата стратегија на Владата екоактивистите го посочуваат Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, во кој по нивни притисоци и националната кампања „Едно е! Вредно е“ Владата донесе измени и дополнувања на Законот (од 2010 година), наводно со намера истиот да стане функционален и навистина да го заштити светското наследство.

-Во процесот што траеше повеќе месеци учествувавме директно и предадено, над 80 отсто од текстот на новиот предлог Закон беше продукт на нашата работа – за во последен момент, зад затворени врати, односно без нашиот претставник во работната група, да се усвои текст во кој недостасуваат клучните одредби. По обелоденување на оваа информација во медиумите, Владата експресно (за помалку од една недела) ги врати одредбите во Законот, и така го усвои на седница. Сето ова по објавување на нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство. Според нас ова преставува уште еден обид да се прикаже грижа во очите на УНЕСКО и да се прикрие реалната состојба на терен – континуирана урбанизација и легализација на дивоградби“, стои во реакцијата на „Фронт 21/42“, со истовремено нагласување дека вистинската грижа ќе започне кога ќе се донесе мораториум што целосно ќе се почитува и откако решително ќе се влезе во храбра борба против дивоградбите.

Според активистите на еколошкото здружение, од итните препораки на УНЕСКО што требаше да ги реализира државата единствено Управниот одбор на НП „Галичица“ спровел вистинска реализација со прекинување на постапката за измени на Планот за управување со што е спречена понатамошната процедура за ски-центарот.

Екоактивистите уште еднаш преку соопштението испратено до медиумите јавно бараат од актуелната власт наместо да вложува драгоцено време и пари во креирање на илузија за драстично променета политика на грижа и посветеност пред УНЕСКО, домашната и меѓународната јавност, навистина да се посвети и почне да се грижи за единственото природно и културно наследство во земјава и едно од само седумте мешовити наследства на европскиот континент.

-Бараме и локалната и националната власт во најбрз можен рок да прогласи мораториум за сите урбани и крајбрежни трансформации во Охридскиот регион (општина Охрид, Струга и Дебарца) и да осигура доследно спроведување и почитување на мораториумот, и итно да ги прекине постапките за легализација на бесправните објекти и да пристапи кон изготвување на инвентар на дивоградбите, стои во соопштенито, со потсетување дека ниту оваа, ниту било која власт нема право на сите нас и на сите идни генерации да им го одземе најголемото национално богатство.

Истовремено да се ангажираат сите човечки ресурси за искористување на можностите за сите дополнителни средства што вообичаено се на располагање за подрачјата кои се на листата светски наследства во опасност и истите да бидат целосно употребени за заштита и унапредување на исклучителните универзални вредности поради кои Охридскиот регион го заслужил статусот на светско наследство, се барањата на членовите на еколошкото здружение „Фронт21/42“.