Лулето на Валентајн во музејот на приказните

Свештеникот Кембел во 1630 година направил нешто незамисливо. Венчал протестантка со католик, забрането во тоа време. Тоа се случило во Германија, за што дознала  инквизицијата. Го мачеле свештеникот седум дена, но никако не кажувал кого венчал, за младенците да имаат време да побегнат. Кога признал, го обесиле. Тогаш, свештеникот го испушил последното луле во името на љубовта. Денеска, кога некој ќе рече Кембелово луле, тоа е оној последен мачен разговор кога дечкото и девојката раскинуваат, кога се растура бракот, или се растура некое друштво. Тој последен разговор се вика Кембелов разговор. Инаку, првото име на Кембел е – Валентајн. Прилепскиот Музеј за тутун го поседува последното луле што го испушил Валентајн Кембел пред бесилката во 1630 година.

Вака ја почнува приказната кустосот и етнолог Александар Цветкоски за еден од најраритетните музеи на овие простори, втор во Европа – Музејот за тутун. Сместен во просториите на Институтот за старословенска култура, спроти Институтот за тутун на периферијата во Прилеп, Музејот веќе 47 години раскажува вчудовидувачки приказни. За славни европски луѓе кои ги имале маните и доблестите на „обичниот човек“, како руската династија Романови, Ана Хабсбург од австроунгарското царско семејство, Дража Михајловиќ од бурната српска историја, од првите зачетници и пропагатори на уживањето во тутунот во Европа, наргилињата од Отоманското Царство, ретките фотографии, индустриската, мачна обработка на тутунот на најпознатите македонски простори, во Прилепско… И што ли уште не.

Прилепскиот Музеј за тутун содржи предмети, фотографии, раритетни експонати, кои ја раскажуваат оваа „скришна“, алтернативна, историја на Европа. Ја раскажува приказната за тутунот, растението донесено од Америка, одомаќинето во Европа. Да не речеме, основното растение на прилепските простори.

Освен љубовна, една од ретките приказни на Музејот е и политичката. За сер Волтер Рајли, таткото на тутунот, кој прв ја открил „вирџинијата“ и го донел тутунот во Англија од Америка. Прилепскиот музеј поседува луле од првиот пушачки клуб од 1700 година, основан во Лондон. Тогаш не знаеле како да го оданочат тутунот, па Рајли се збогатил и го направил тој познат клуб во Лондон. Членови на клубот биле дури и кралот и кралицата. Рајли многу се полакомил по пари, па наплатил долг од кралицата.

– Имено, рекол дека може да го измери чадот од тутунот. Го зел лулето, го измерил, го испушил тутунот, па повторно го измерил. Остатокот бил чадот. Ги зел парите од кралицата, но тоа не го преживеал. Кралицата во 1600 година ја предизвикала првата кампања против пушењето, кога била создадена и првата книга против пушењето. Пред да го обесат, сер Рајли го испушил последното луле. Оттогаш останало: кога ќе речат Рајлиево луле или Рајлиева цигара, тоа е оној мачен разговор кога ќе ви ја соопштат лошата вест дека сте исфрлен од политиката или сте сменет од функција, раскажува Цветкоски.

Лулиња, наргилиња, каширани фотографии, ретка европска збирка, предмети за уживање на тутунот, кибрити, запалки, историски поврзани со европски славни личности, се дел од раритетната и бесценета збирка на прилепскиот Музеј за тутун. Поседува околу 3 000 артефакти, од кои 2 000 се посебно раритетни. Музејот е најекспониран медиумски во земјава и во светот главно поради ексклузивните историски приказни што ги раскажува преку производството и предметите за уживање на тутунот – порок оспоруван денес, но кој неизбежно ја раскажува историјата на човештвото.

– Преку Музејот најексплицитно правиме презентација на културното богатство. Ние во Музејот имаме материјален одраз на нештата. Знаете, да се има луле или чибук од славна личност, тогаш веднаш се отвора приказната и може да разговарате за таа личност и може да ја прераскажете кулоарската историја, која е трета димензија на Музејот, која многу држави официјално не би ја признале, зашто говори за особините на нивните значајни историски личности и владетели преку предметите за уживање на тутунот. Тоа значи ги раскажуваме приказните за славните луѓе низ историјата кои ги имале сите мани и доблести што ги поседувале „обичните луѓе“. Токму затоа луѓето кога ќе влезат во Музејот ја гледаат таа димензија, која обично ја гледаат во филмовите, но овој пат приближена, тука, пред витрината, со експонатот што му припаѓал, на пример, на рускиот цар Романов, на Ана Хабсбург, а и на Дража Михајловиќ, личност од балканските простори. Тоа е интересно, раскажува кустосот Цветкоски, кој има бројни приказни за секој музејски експонат.

Музејот е мошне богат. Има една од најголемите збирки каширани фотографии на Балканот, прекрасна ликовна збирка, па збирка на предмети за уживање на тутунот, па индустриската збирка.

– Сето тоа е мошне интересно. Може да се видат цигарите и цигаретите што некогаш се пушеле во Југославија, а ги нема во продажба. Може да се слушнат приказните за таа прва Југославија преку цигарите. На пример, кралските цигарети што се произведувале во Прилеп, се пакувале во Ниш за династијата Караѓорѓевиќ, а можеле да се пушат само на кралскиот дворец. Има експонати што се поврзани со феноменологијата на тутунот, на палењето оган, од огнилата со кои во средниот век се палеле лулиња, па сè до првите кибрити, до првите запалки и сите приказни што се поврзани со нив, продолжува со својата приказна кустосот Цветкоски.

А целата приказна за Музејот почнува во далечната 1972 година. Најбитното е: Музејот на тутун е музеј на приказни. Уште кога е правен, Бошко Бабиќ и Тадеуш Полак сакале да имаат лулиња од познати личности што ја раскажуваат историјата за тутунот и за уживањето во него. Да имаат лулиња од светските изложби во Виена и во Париз каде што биле изложувани. И успеале да ги најдат. Тие плански ги собирале експонатите од цел свет. Сета таа грижа има до денес одраз преку тие приказни.

– Сите странци кои знаат нешто за музеите прашуваат: Како е можно еден град во провинција да има толку значаен музеј што е втор по големина во светот? Тогашниот прилепски музеј, од 60-тите години, развил соработка со уметниците од цел свет. Тогаш, Бошко Бабиќ на сите уметници им напишал писма да праќаат експонати и, посебно, приказни. Да испраќаат информации каде може да се купат тие експонати.

– Така сме добиле илјадници писма од целиот свет. Тоа е своевиден интернет. Сето тоа дава резултат: Музејот, прво, да биде медиумски многу експониран, луѓето да сакаат да го посетуваат, посебно странците, и да ја почувствуваат европската историја, која, своевидно, е заробена во Музејот, вели кустосот Цветкоски.

Музејот за тутун беше влезен во двата најголеми водичи, во францускиот и во германскиот. Сите со водичот в рака прашуваат за Музејот. Бројни љубопитници од Европа и од светот ги слушнаа неверојатните приказни. Магловити во тутунскиот чад на лулињата, но јасно забележани преку артефактите што на алтернативен начин ја забележале човековата историја. И човековата желба да ужива, да го забележи живеењето низ вековите преку една индустриска култура.