Прилеп ги вклучува прeдлозите на граѓаните во општинскиот буџет

Постепено се отвораат и се потранспарентни буџетите на општините, а конкретни чекори се направени и во Прилеп, беше констатирано на денешното предавање во прилепската локална самоуправа на тема: ”Јас и буџетот на општината – направете Вашиот глас да се слушне“ што го организира Фискаст-мрежата за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Република Северна Македонија . Вакви предавања се организираат во повеќе општини.

Александар Гаврилоски од „Иницијативен глас-Прилеп“ вели дека порано затворените општински буџети кои речиси се чувале во тајност во последните години се отвораат и граѓаните може да имаат увид како и за што се трошат нивните пари.

-Целта на кампањата „Мои пари – моја одговорност“ е поголема вклученост на граѓаните во креирањето на општинските буџети. kампањата се одвива на ниво на цела држава, во речиси сите градови. Разговараме со здруженија на граѓани од Прилеп, со претставници на урбаните заедници, бизнис-секторот, научната фела, за можностите и кои се алатките за вклученоста на граѓаните за буџетската партиципација. на пример, преку обично барање, секој граѓанин може да ги побара своите права, да ги нагласи своите потреби. Досегашното искуство покажува дрека буџетите биле затворени, чувани во тајност, а последните години транспарентноста на буџетите станува практика, рече Гаврилоски.

Универзитетскиот професор од прилепскиот економски факултет, Димко Кокароски вели дека иако сме сѐ уште зад современите локални самоуправи, полека учиме.

-Во поглед на транспарентноста на општинските буџети ние „каскаме“ зад современите локални самоуправи, но учиме. Прилеп има капацитет: научен, стручен, интелектуален, и, воопшто, граѓански. Само треба да им се даде поголема шанса на граѓаните низ разни форми на активности за тие да партиципираат, инклузивно да бидат вклучени во донесувањето и во трошењето на буџетските пари. Всушност, тоа се нивни пари и тие имаат свои предлози од сите сфери на живеењето за тоа да се подобри, вели Кокароски.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски една од најголемите придобивки е формирањето на Граѓанскиот парламент со кој беше реализиран и првиот проект, како приоритетен за задоволувањето на потребите на граѓаните, а тоа е отворањето ан дневниот центар за деца со церебрална парализа.

Драги Звездакоски, раководител на одделението за финансии при прилепската локална самоурава, вели дека предлозите на граѓаните се главно за подобрување на инфраструктурата во Општината. Добар дел се вградени во годишните програми и во програмата за капитални проекти за кои од основниот буџет се одделени речиси половината средства.

-Целиот процес вклучува граѓанско партиципирање во креирањето на општинскиот буџет. Тоа го правиме преку вклучувањето на урбаните месни заедници, преку здруженијата на граѓани, спортски клубови и на поединци со отворени средби во локалната самоуправа, во урбаните заедници и преку писмени предлози, преку социјалните мрежи и со дирерктни средби со градоначалникот. На пример, во најголемиот дел од комуналните програми се вклучени предлози од граѓаните бидејќи тие во микросредината каде живеат најдобро ги знаат проблемите со кои се соочуваат, објаснува Звездакоски.

Тој додава дека основниот буџет на општина Прилеп е тежок 522 милиона и 31 илјада денари и од него се финансираат капиталните проекти и програмата за комунално уредување.

-Од основниот буџет за капитални проекти се 250 милиони и 992 илијади денари, како што се: улична и патна инфраструктура, за системи за водоснабдување и одведување на отпадните води, за паркови и зеленило и за трите главни развојни програми за годинава: реконструкцијата на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, изградба на мост на Градска Река и за изградбата и реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ и на дел од улицата „Прилепски бранители“, потенцира раководителот на одделението за финансии во Општина Прилеп.

Во рамките на проектот„ Мои пари – моја одговорност“ кон крајот на годината ќе се организираат активности за да се одредат приоритетите на граѓаните од сите општини за да влезат во општинските буџети и со тоа да се задоволат потребите на граѓаните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *