ОД РЕВОЛУЦИОНЕРНИТЕ КРИВЕНИ И ЗЛАТАРИ ПРЕКУ ЈАНКОВЕЦ ДО СОПОТСКО

На патот од Охрид кон Ресен, одма на влезот во Јанковец, еден многу скришен и неугледен пат води кон револуционерните села Кривени и Златари, од кое излегле боголем број борци за слобода и напредок на Македонија

Селото Кривени се наоѓа на околу 6 километри северно од Ресен, длабоко вовлечено во една од пазувите на планината Бигла   и од сите страна опкружена со нејзините истурени разграноци. Тоа е најблиско село до Златари со кое имаат исти климатски услови и исти или слични судбина. Исто така, Кривени е стара македонска населба во која секогаш живееле православни Македонци.

Во него во минатото имало околу 120 куќи, а денес живеат дваесетина домакинства, повеќе стари лица во стари куќи. Тоа е село со бројни археолошки локалитети кои зборуваат за историјата на македонскиот народ во Преспа. Таму има две цркви, „Св. Ѓирѓи“, во чиј круг се и селските гробишта и „Св Илија“ во месноста Чешино.

Кривени како и Златари е патриотско и борбено село од кое излегле боголем број борци за слобода и напредок на Македонија, како македонските војводи Геро Ресенски и Стефан Лазов. Во војната за ослободување на Македонија животите ги дале: Круме Стојчевски, Кире Павловски и Кире Ѓуровски. Значајно е да се одбележи дека кривенчаните Панде Божиновски и Михаил Бочкаровски учествувале во редовите на интернационалните бригади во Граѓанската војна во Шпанија.

Gorna2

Дел од Кривеми

Селото  Кривени е познато по образовните кадри со вишо и високо образование, особено по бројот на учители. Од Кривени потекнуваат Лазо Лабачевски, поранешен функционер, Андреја Лапчев, лидер на некогашната конзевативна партија на Бугарија, Бранко Божиновски, организатор на „Кривенските средби“ и други. Од Кривени има и голем број познати иселеници во светот, кои секоја година на 20 јануари ја прославуваат селската слава Св. Јован. Кривенчани сметаа дека славата ќе ги поврати во селото и пак ќе почнат да ги прославуваат „Кривенските средби“, една од најзначајните културни манифестации во Преспа.

И Златари е убаво и револуционерно село со значајна историја за Преспа и Македонија. Тоа е оддалечени околу седум километри од Ресен и е сместено во пазувите на Бигла. Тоа е чисто македонско село во кое има четириесетина домакинства со стотина жители. На атарот на селото има  неколку археолошки локалитети, а постојат и три цркви и тоа: „Св. Димитрија“, изградена 1852 година, старата црква „Св. Никола“ од седумнаесеттиот век, во која се селските гробишта и најновата црква „Св. Атанас“ изградена 1991 година.

Златари  по својот борбен дух е едно од најпознатите села во Преспа и пошироко. Голем број златарци биле учесници во НОБ, а меѓу нив имало и повратници – печалбари од САД и Канада. Таму е роден прочуениот партизански командант Наум Веслиевски – Овчарот. Во борбеното Златари од Илинден до НОБ ги дале своите животи повеќе жители, меѓу кои: Мите Трајковски, Цара Веслиевска, Никола Соколовски и други.

Затоа во селото има  спомен обележја за загинатите во Илинденското востание, спомен бисти на Наум Веслиевски – Овчарот и Мите Трајковски-Старејко. Исто така, таму има и спомен куќа на Битолско – преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, спомен чешма посветена на Мите Трајковски – Старејко, спомен плоча во месноста Синодолско Кладенче каде беше формиран одредот „Даме Груев“ и спомен – плоча за престојот на прилепскиот баталјон „Мирче Ацев“.

Gorna3

Револуционерното Златари

Од Златари има голем број учени, познати и признати граѓани ширум  Македонија и светот, како и во дијаспората кои и денес придонесуваат за афирмација на македонскиот народ и Македонија.

Јанковец, или Јанкоец, како обичните граѓани го нарекуваат, е убава преспанска, македонска населба која се наоѓа на северната страна од Ресен, на патот Битола – Охрид. Тоа е споено или може да се рече дека  е предградие или предградска населба на Ресен со сите нишани на градска населба.

Куќите се целосно обновени или, новоизградени, на приземје и кат и внатре современо опремени. Околу современите домови има убави уредени дворни места, во кои често има и магацини, гаражи, летни кујни, фурни и други објекти. Во многу дворови има овошни гради и простор за цвеќиња и други земјоделски културу.

Во селото има одреден број куќи кои заради архитектонските вредности се ставени под заштита на државаа  и претставувуваат национално богатство. Со право се заклучува дека Јанковец се одликува со градски мани и менталитет на жителите, како и современ начин за живеење. Затоа, со право често народот вели дека Јанковец е ни село, ни град.

Јанковец е стара христијанска населба во која живеат  околу илјада и петстотини жители сместени во над петстотини убави куќи со македонска градска архитектура, а изградени во минатото и сегашноста. Тоа е населбана во која сложно живеат претежно Македонци, а има и понеколку власки, турски-мухамедански и други семејства.

Од секогаш Јанковец било значајно место, особено како општина во Преспа,  а јанковчани биле вклучени во сите воени и повоени период во историјата на Македонија. Така, во Илинденското востание имало востаничка чета предводена од војводата Перо Јанковчанецот. Во Кресненското востание (1878-79) зел учество јанковчанецот Коста Христов. Потоа, во Народноослободителната војна учествувале голем број жители на Јанковец, а жртви на бугарскиот окупаторски терор биле Милан Думовски и Крсте Трајчевски.

Gorna4

Панорама на Јанковец

Инаку, Јанковец е расадник на образовани луѓе, особено по Втората светска војна. Меѓу другите од Јанковец потекнуваат Александар Гештаковски, Димитар Бузлевски, проф. Никола Нечевски, естрадниот уметник од Охрид, Петар Нечовски, ликовниот уметник Благој  Думовски, потоа Стеван Томовски, чиј корени по мајка му се од Јанковец, а со кого авторот на овие редови го потготвија   делото „Водич низ компјутерската терминологија“, како и  ресенскиот фотограф Пеце Нечевски и многу други. Исто така од Јанковец има голем број познати и признати иселеници во светот.

Во Јанковец постојат три цркви и еден манастир. Црквата „Св. Атанас“ во чиј круг се селските гробишта, кои се едни од најуредените во Преспа и се наоѓа во селото на патот  од Битола кон Охрид. Други цркви се црквите „Св. Недела“, „Св. Јован“, и „Св. Игнатие Богоносец“, кои се дел од духовното наследство на Македонија и на македонскиот народ.

Манастирот “Успение на пресвета Богородица”, пак,  кој се наоѓа на западната страна од селото претставува еден од позначајните верски објекти, не само за Јанковец, туку и за  Преспа и Македонија.

Селото Сопотско, пак, е едно од живиписните преспански села, кое е сместено во планината Бигла опколено со густа шума.и е свртено кон Маказот и Ресен на околу 5 км. Тоа се граничи и со селото Смилево од другата страна кон Демир Хисар. Сопотско е етнички мешано село во кое заедно живеат и Македонци и македонски Албанци. Таму има две цркви, „Св. Никола“ и манастирот со исто име, „Св. Никола“ и една џамија. Во Сопотско живеат седумдесетина домаќинства со околу двеста жители од околу сто и осумдесет се Македонци а четириесетина се македонски Албанци.

Gorna5 Gorna6

После Втората светска војна со вишо или со високо образование се стекнале преку дваесетина сопоштани. Од Сопотско потекнуваат Реиз Шаќири, некогашен министер во Владата на РМ, а се говори дека во селото се родил и бугарскиот писател и дипломат Симеон Радев, како и познатиот белградски новинар Бошко Булатовиќ – Биб, чија мајка тука работела како учителка.

Од Сопотско потекнуваат четникот Наум Пецалев-Бекријата, Ресул Шакири, политичар, Ване Нечовски, општестевник и други. Во текот на војната учествувале голем број сопоштани, кога и загинале Михајло Нечовски и Ванко Марковски. Во знак на вечно сеќавање и благодарност на жртвите во Сопотско е подигната спомен-биста на првоборецот Стерјо Ѓорѓиевски и спомен-плоча посветена на загинатите првоборци од селото.

Продолжува

B3
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *