Пожарникарите во Тетово бараат надминување на проблемот со пониските износи на платите

Денот на пожарникарството во Територијалната противпожарна единица Тетово помина во свечена промоција на нова опрема, но и делумно во тензична атмосфера и на работ на конфликт поради несогласувањата на Синдикатот и раководството околу бодирање на платите и дневниците.

Командантот на единицата Ука Алити и градоначалничката Теута Арифи ја промовираа новата униформа, нова опрема за извлекување повредени, како и донација-скали за качување на високотаници.

– Од денес имаме нови работни униформи. Добивме опрема за работа, за спасување луѓе во сообраќајки, како хидраулични клешти и растегачи. Исто така добивме противпожарникарски скали за висококатници, нешто што беше многу потребно за спасување и евакуација при пожари или некоја природна непогода, рече Ука Алити.

Градоначалничката Арифи истакна дека освен Општина Тетово се прават напори и другите рурални општини да ја финансираат единицата со оглед дека пожарникарите ги покриваат сите шест локални самоуправи.

– Важно е во полошки плански регион и други општни да партиципираат повеќе во нивната поддршка имајќи во предвид дека само Тетово ја буџетира пожарната. Ние во соработка со Владата сакаме да вклучиме поголемо буџетирање, рече Арифи.

Пожарникарите кои се членови на Синдикатот посочија дека се уште се борат да добијат изедначување на платите какви што има во сите останати општини.

Горан Ристевски од независниот синдикат на државна администрација истакна дека Независниот синдикат на противпожарна единица Тетово има проблем со изедначување на платите со останатите единици како и додатокот на плата за сложеност на работа од 20 отсто.

– Изминатиов период немаше контакт со Теута Арифи па почнавме судска постапка со цел да ги оставриме правата. Синдикатот сака мирно решавање на спор да потпишеме колективен договор. Не е исплатена прекувремена работа, работа во празник, нереална процентуална исплата. Не се добро исплатени плати во смени, околу 200 илјади денари им се должи на пожарникарите, рече Ристевски.

Пожарникарите посочија дека скалите што се добиени како донација се стари, изработени 1963 година и ја илустрира состојбата во која работат.

-Треба да се заврши со донации да се опремува пожарната. Општината зема проценти од буџет од регистрација на возила, даноци и слично, па средствата може да се користат за финансирање на противпожарната единица. Имаме опрема стара по 40 години. Бараме закон за пожарникарство за да бидеме службено осигурани, не ни се овозможува да бидеме приватно осигурани, рече Ристевски.

– Ние сметаме дека во рамки на законот сме ги завршиле обврските. Сметаме дека ние немаме долгови, туку сме ги консолидирале платите и исплатите, изјави градоначалничката Теуат Арифи за проблемот.

Пожарникарите порачаа дека ако не се реши проблемот со платите ќе организираат протести. Раководството на единицата и градоначалничката доделија благодарници за поединци и институции кои ја помогнале тетовската пожарна. Синдикатот посебно додели благодарници на пожарникарите кои учествувале во акцијата за спасување и извлекување на загинати и повредени во сообраќајката со автобусот кај селото Ласкарци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *