Во Мариово ќе се одржат јубилејните 35. Мариовско-Мегленски културни средби

Во манастирот „Свети Илија“, во прилепско Мариово, на 26 мај, в недела ќе се одржат јубилејните, 35. Мариовско-мегленски културни средби. На манифестацијата се среќаваат некогашните и сегашни жители на големото Мариово кои носталгично се потсетуваат на родниот крај, а секако ги канат и жителите на Меглен, од другата страна на границата со кои низ вековите одржувале блиски контакти и тргувале.

Според Стојан Ѓуровски, претседател на Здружението за организирање на Мариовско-мегленските културни средби, настаните за оваа традиционална манифестација почнуваат уште в четврток, на 23 мај во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ каде од 19 часот ќе се прогласат најдобрите лични творби на претходно распишаниот конкурс на Средбите.

– Целта на овој анонимен традиционален награден конкурс е збогатување, негување на поетското творештво на двата региона и пошироко, смета Ѓуровски.

Главно, средбите ќе се одржат в недела, на 26 мај во мариовскиот манастир „Свети Илија“ со богата програма и настап на фолклорни групи од Прилеп, Битола, од Кавадарци, а за посетителите е организиран превоз.

– На средбите в недела е богатата културно-уметничка програма во која изобилува фолклорот, со што сакаме да го негуваме тоа народно богатство на регионите. Главно, целта на средбата е среќавање на иселените жители од Мариово и од Меглен, да се потсетатат на обичаите, на фолклорот, на архитектурата, на маките низ историјата што ги преживувале жителите, посебно од НОБ, со што сакаме да не се заборави, но и да не се повтори.

Здружението за организација на Мариовско-мегленските културни средби има и други активности. Во тек е подготовката на монографијата со наслов „35 години Мариовско-мегленски културни средби, 1984-2019 година“ со цел да се забележат сите активности на овие традиционални средби. Досега Здружението има иницирано научни средби за Мариово, за можностите и потенцијалите на оваа голема област во државата што, за жал, денес е најретко населена во Европа.

Остануваат надежите дека на средбите во Мариово ќе стигнат жители од Грција иако последните години претставници од Меглен не присуствувале на манифестацијата.