СПЦ одлучи да го обнови дијалогот со МПЦ-ОА (ДПЛ)

Светиот архиерејски собор на СПЦ донел одлука да ги обнови преговорите за решавање на статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и да ги продолжи разговорите за тоа со нејзини претставници, јави Танјуг цитирајќи ја „Политика“.

Српскиот весник, повикувајќи се на извори од врвот на СПЦ, информира дека прашањето за МПЦ-ОА вчера било единствена тема на претпладневното заседание на највисокото црквено тело.

Како што пренесе Танјуг, со спроведувањето на одлуката за продолжување на дијалогот со МПЦ-ОА, СПЦ ќе се занимава после заседанието на Соборот, Светиот архиерејски синод на СПЦ.

Неименуван извор за „Политика“ изјавил дека „српската црква не сакала да иницира обновување на дијалогот со Македонците се додека Јован Вранишковски бил во затвор“. „Тој, меѓутоа, е пуштен на слобода во 2015 година и учествува и на овој, како и на неколку претходни заседанија на Соборот на СПЦ, заедно со владиките на Православната охридска архиепископија, која је под закрила на српската црква“, пишува Танјуг цитирајќи го белградскиот весник.

Решението на СПЦ за обновување на преговорите со МПЦ следува по минатонеделната одлука на Синодот на Вселенската патријаршија да почне да го разгледува барањето на МПЦ за решавање на нејзиниот статус.

Вселенската патријаршија во соопштението по средбата не даде детали за разговорите за прашањето на МПЦ, но според верските аналитичари, самото ставање на оваа тема на дневен ред значи почнување на официјалната процедура за решавање на статусот на црквата во Македонија.

Медиумите во Србија во тој контекст потсетуваат и на неодамнешната изјава на рускиот патријарх Кирил дека Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на афтокефалноста и на Македонската православна црква.

– Синодот на Цариградската патријаршија почна официјално да го разгледува барањето, за што беше објавено и соопштение. Зошто Фанар би го разгледувал барањето ако, сепак, нема намера да го повтори „украинскиот рецепт“ и за Скопје, рече патријархот Кирил во интервју за „Политика“ минатиот месец.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *