Османи: Уште денеска ќе го договориме состанокот меѓу Заев и Ахмети за најавената реконструкција

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека уште денеска ќе биде договорен состанокот меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, околу најавената реконструкција.

Османи, каде што присуствуваше на средба со студентите од Економскиот факултет при УКИМ, рече дека оваа тема тема не треба да биде доминантна во политичкиот дискурс, бидејќи, како што рече, таа е помалку важна отколку суштинските теми, а тоа е реализација на програмата на Владата и големите чекори во поглед на интеграциите.

– Но тоа е интересот на јавноста и ние сме должни да одговориме на тој интерес. Денеска премиерот се враќа и уште денеска ќе го договориме состанокот меѓу двајцата лидери, за да можат да разговараат по однос на рефокусот на Владата кон темите што ќе бидат актуелни во периодот што доаѓа, истакна Османи.

Посочи дека во првите две години од оваа Влада доминантна беше надворешната политика, а сега во втората половина од мандатот во фокусот ќе биде економијата.

– Тука ќе требаат дополнителни зајакнувања на човечките капацитети, со цел да се испорачаат резултати во тој дел. Не можеше пред да се затворат политичките теми да се испорачаат економски резултати, бидејќи во услови на меѓународна изолација во еден глобален свет, тешко е една мала држава како Северна Македонија, да може да биде дел од позитивните економски текови, оцени тој.

Османи го повтори уверувањето дека на јунско-јулските самити на ЕУ ќе биде донесена одлука за почеток на преговори, иако, како што истакна, шпекулациите од некои членки се дека тоа може да биде и октомври.

Пред студентите на Економскиот факултет при УКИМ, Османи го претстави проектот „Со европско знаење до европската престолнина“, конкурс наменет за студентите по општествени науки при државните универзитети, на кој преку учество со изработка на есеи, имаат можност да го покажат своето европско знаење.

Најдобрите 12, за кои ќе одлучат самите факултети, ќе добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата во Брисел, преку тридневна студиска посета на европската престолнина, каде што ќе имаат можност да ги посетат клучните институции на ЕУ, како и да се запознаат со начинот на нивната работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *