Заев: Нови можности за регионална соработка, нудиме одлични услови за инвестиции

Се отвораат нови можности за регионалната соработка на Западен Балкан, а Северна Македонија нуди одлични услови за нови инвестиции, оценил премиерот Зоран Заев на панел дискусијата со премиерите од Западен Балкан во рамки на годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Сараево.

Заев учествуваше на  отворањето на Генералното Собрание на ЕБОР, како и на работен појадок со премиерите од Западен Балкан и министрите за финансии, гувернери на ЕБОР на покана на претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти.

Владината прес-служба соопшти дека Чакрабарти во поздравното обраќање ја издвоил Република Северна Македонија како пример за држава со јасна визија и лидерство и му честитал на премиерот Заев за Преспанскиот договор и посветената работа на економски реформи клучни за охрабрување на нови инвестиции.

Учесниците на панелот разговарале за интензивирање на соработката за регионални проекти, за искористување на можностите за зголемување на регионалната соработка и за важноста и улогата на ЕБРД како значаен партнер на државите од регионот за исполнување на тие цели.

-Целта на регионалната економска интеграција е да се создаде регион на отворена и слободна трговија на добра, услуги и инвестиции кој исто така ќе претставува и наша подготовка за наше учество во единствениот пазар на Европската унија. Затоа треба целосно да бидеме посветени на градење на доверба и регионална соработка во инвестициони и трговски политики, олеснување на транспортот и почитување на постоечкото трговски договори, рече премиерот Заев на прашањето кои се можностите за унапредување на регионалната соработка.

На панел дискусијата на премиерите од Западен Балкан премиерот Заев рекол дека имплементацијата на регионалната инвестициска агенда за Западен Балкан 6 ќе резултира со подобро таргетирање на земјите од регионот со посебни активности и чекори кои треба да бидат преземени на национално ниво со цел да се постигне забрзување и зголемување на економскиот раст.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, на панелот на гувернери во Европската банка за обнова и развој од Западен Балкан, на кој учествуваа министрите за финансии на Србија, Албанија, Црна Гора и Косово и министерот за економија и трговија на Босна и Херцеговина, истакна дека Владата направила крупен исчекор во надворешната политика со решавањето на спорот за името, што и донело на земјата политичка стабилност.  Исто така, се реализираат реформи кои креираат повеќе можности за граѓаните, особено за младите. Тој посочил дека со влезот во НАТО се менуваат економските перспективи на земјата, како и дека се преземаат низа мерки, се инвестира во човечки капитал што ќе придонесе за забрзан и одржлив економски раст.

-Ги зголемуваме инвестициите во образованието, здравството и социјалните услуги. Она што е од особено значење е дека започнуваме нови проекти во образованието кои ќе го зголемат вработувањето на младите луѓе. Би сакал да го истакнам проектот за „дуално образование“, кој покрај стандардното средно образование ќе овозможи младите да се стекнат со вештини кај најдобрите странски компании во земјата. Со ова ќе се подобрат нивните способности и ќе им се олесни процесот на наоѓање работа во иднина, истакнал Тевдовски.

Тој посочил дека Република Северна Македонија е одлична дестинација за инвестирање со одлична бизнис клима и услови за водење бизнис, како и квалификувана работна сила.