Грчките медиуми преполни со акценти од посетата на папата Франциск на Скопје

Грчките медиуми во текстовите посветени на вчерашаната посета на папата Франциск на Северна Македонија акцентот го ставија на пораките што тој ги испрати за време на свечената литургија, но и на пречекот на скопскиот аеродром – традиционално со погача и сол, коментирајќи дека станува збор за прва и историска посета, јави дописничката на МИА од Атина.

„Скопје: Топол пречек за Папата Франциск“; „Иванов, Заев: Со леб и сол го пречекаа Папата во Скопје“, „Порака на мир и обединетост испрати папата Франциск од Скопје“, „Папата за прв пат во историјата ја посети Северна Македонија“; се дел од насловите во грчките медиуми.

-Порака за мир, обединетост и хармоничен соживот упати папата Франциск за време на свечената литургија одржана на централниот плоштад во Скопје на која присуствуваа над 10 илјади луѓе, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во централните изданија на вестите, со прилози, грчките телевизии информираа за посетата на папата на Скопје.

-За прв пат, поглавар на Римокатоличката црква ја посетува Северна Македонија. Папата Франциск на аеродромот во Скопје беше пречекан со сите почести. Задржувајќи го традиционалниот обичај, го послужија со леб и сол, објави грчката телевизија Скај

-Богата со пораки, првата, а затоа и историска посета на папата Франциск во Северна Македонија, коментираше државната телевизија ЕРТ на почетокот на прилогот посветен на посетата на папата на Скопје.

-На неговото последно официјално појавување како претседател, Ѓорѓе Иванов го прими папата Франциск. Поглаварот говореше за убавината на балканскиот мозаик што го обезбедуваат различните нации и религии, испраќајќи порака за мир, а положи венец и на споменикот на Мајка Тереза, која самиот ја прогласи за светица во 2016, објави ТВ Антена.

Грчките медиуми, во текстовите, освен пораките на папата ги пренесоа и ставовите на премиерот Зоран Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *