Традиционален Велигденски хепенинг во Ресен

Стотина ученици од петте основни училишта во општина Ресен на над 30 штандови денеска на плоштадот „Цар Самоил“ претставија дел од преспанската традиционална велигденска храна, велигденски јајца и украсни декорации на деветтиот Велигденски хепенинг.

Традиционално хепенингот се одржува на Велики четврток во организација на домот на културата „Драги Тозија“ и Општина Ресен, а посетителите имаат можност да ги погледнат и да купат од изработките на преспанските ученици

Денешниот ден, според директорот на Домот на културата Васко Василевски, има големо значење, затоа што на Велики четврток започнува празнувањето на големиот христијански празник Велигден.

– Манифестацијата веќе е препознатлива кај граѓаните, но пред се и кај децата, кои нестрпливо чекаат да направат нешто свое, уникатно и да го претстават пред своите најблиски и пред пошироката публика. Велигденскиот хепенинг има значаен локален карактер, затоа што ги зближува генерациите во семејствата, заедно со наставниците и прави значаен мост во воспитно-образовниот процес. Со ова традиционално, ги почнуваме и велигденските празнувања во Преспа преку запазување на традицијата и културата, а на тој начин ги зачувуваме и семејните вредности, истакна Василевски.

Според традицијата во Преспа на Велики четврток пред изгрејсонце се вапцуваат три јајца и се верува дека не се расипуваат со години. Првото вапцано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството, а третото за бериќет во куќата. Се верува дека првото вапцано јајце има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести. Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на празникот Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *