Жиријата го почнаа процесот на избор на книги за петте годишни награди на ДПМ

Жири-комисии составени од 15 истакнати писатели, универзитески професори, научни работници, критичари и есеисти го почнаа процесот на одлучување за петте годишни награди кои ги доделува Друштвото на писателите на Македонија за најуспешни книжевни остварувања во 2017 година.

ДПМ соопшти дека на конкурсот пристигнале 76 дела од сите жанрови. Книгите конкурираат за наградите: „Ацо Шопов“ за поезија, „Стале Попов“ за проза, „Димитар Митрев“ за критика и есеистика, „Ванчо Николески“ за книга за деца, и „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите.

– Одлуките за најуспешните остварувања ќе ги донесат членови на жири-комисиите: Весна Мојсова Чепишевска, Венко Андоновски, Милован Стефановски, Ресул Шабани, Маја Јакимовска Тошиќ, Стојан Тарапуза, Лилјана Пандева, Иван Чаповски, Наташа Аврамовска, Кочо Топузоски, Делвина Керлуку, Василе Димески, Јусуф Едип, Олга Арбулјевска и Александар Кујунџиски, информира македонската писателска асоцијација.

Резултатите од конкурсот ќе бидат познати до крајот на јануари, а наградите ќе бидат врачени на 13 февруари, на свеченоста по повод одбележувањето 71 година од основањето на Друштвото на писателите на Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *