Владата ќе ја одржи 131-та редовна седница

Владата на Република Северна Македонија денеска на пладне ќе ја одржи 131-та редовна седница во рамки на која ќе ја разгледа Информацијата за одржаниот состанок на Надзорниот одбор за супервизија и следење на напредокот во имплементацијата на Е-112 во земјава и формираната Меѓуресорска работна група (оперативен тим) за преземање активности за реализација и имплементација на Системот за итни повици Е-112 во Република Северна Македонија, што ќе ја презентира Центарот за управување со кризи.

Како што информираат од владината прес-служба, на предлог на Министерството за економија, на седницата ќе биде разгледана и Информацијата за склучување на Меморандум за соработка помеѓу Министерство за економија и Министерство за трговија и индустрија на Република Косово во врска со контролата на стратешки стоки.

Владата на седницата ќе биде запознаена и со Информацијата за напредокот на имплементирање на Стратегискиот одбранбен преглед за 2018 година, како и за работењето на Економско – социјалниот совет во 2018 година, што за оваа седница го предлага Министерството за труд и социјална политика.

Денеска владата ќе се произнесе по Предлог – решението за формирање на Kомисија за спроведување на постапката за доделување на Договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Северна Македонија.

Владата на оваа седница треба да донесе мислење и за Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 1 јануари до 31 декември 2018 година, како и за Извештајот за работата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија за минатата година.

На денешната седница на предлог на Секретаријатот за европски прашања ќе биде разгледана информацијата за организацијата на настан по повод одбележувањето на 9 мај, Денот на Европа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *