Мицотакис: Каменос ќе направи се што треба за да остане во фотелјата на Министерството за одбрана

Претседателот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, преку интервју за порталот Capital.gr ги повторува барањата до владата за една единствена и заедничка позиција на коалиционите партнери, вели дека неговата партија не е информирана за преговорите и владините позиции и изразува убеденост дека Панос Каменос ќе покаже голема флексибилност за спорот со името и ќе направи се за да остане на министерската позиција.

– Немам апсолутно никаков сомнеж дека на крај, господинот Каменос, ќе направи се што е потребно за да остане во фотелјата на Министерството за одбрана, вели Мицотакис и додава дека коалициониот партнер во владата ќе покаже голема флексибилност и во ова прашање, како и за многу други.

Претседателот на Нова демократија, во интервјуто јавува дописникот на МИА од Атина, неколку пати повторува дека потребно е прво да постои заедничка владина позиција, таа да биде соопштена, па потоа тие како партија да го изразат нивниот став. Вели дека од владата не добиле информации, нешто што не било случај во минатото и избегнува да дава било каков коментар или одговор на хипотетички прашања за тоа дали Нова демократија би се согласила на сложено име со географска одредница, доколку владата се договори за такво решение.

– Кога владата ќе настапи официјално преку премиерот и ќе ги изрази ставовите и на двата владини партнери ќе можеме и ние да заземеме став за деталите за решението за кое преговара влада, вели  Мицотакис и очекува од Ципрас да ја изрази владината позиција во целост.

Лидерот на опозициската партија, додава дека во „сите вакви договори, ѓаволот се крие во деталите“ и затоа треба да го видат конечниот договор што ќе го постигне владата, а не само рамката, за да го дадат нивното мислење.

Од Нова демократија, во изминатите денови, преку пратениците од партијата, но и преку портпаролката, континуирано, повторуваа дека владата треба да има заеднички став.

Пред две седмици, Кирјакос Мицотакис, преку интервјуто за „То Вима“, рече дека не може да постои национална согласност без претходно да има конкретен и договорен предлог од двајцата коалициони партнери, а на Ципрас и на Каменос им порача дека ако не можат да се договорат за едно важно прашање од национално значење, да си дадат оставка.