Дури и оние кои сега, добронамерно се противат, за 10 или помалку години ќе го сфатат значењето на Договорот од Преспа за Грција, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас во интервјуто за грчката телевизија „Антена“.
-Константинос Мицотакис велеше дека за 10 години ова прашање ќе го заборавиме. Јас денес со сигурност можам да ви кажам дека ќе го помниме засекогаш и дека за 10 години, па дури и помалку, дури и оние кои денес, добронамерно не се согласуваат, ќе ја сфатат големата историска вредност и важност на договорот за Грција, рече Ципрас.
Премиерот на Грција, во едночасовното интервју во централните вести на „Антена“, во делот посветен на Договорот од Преспа, говореше и за политичката цена, објаснувајќи дека воопшто не размислувал на тоа кога му се дала можноста да се реши спорот со името, напротив, вели дека имал среќа што ја добил можноста и истакнува дека Грција и Северна Македонија се природни сојузници, јави дописничката на МИА од Атина.
-Навистина, за критичните национални прашања моите претходници размислуваа за политичката цена? Јас во ниту еден момент не помислив на тоа во големите и критични моменти за време на мојот четиригодишен мандат, рече Ципрас.
Како пример го спомена „тешкиот компромис“ во 2015 година за економијата, но и дека во ниту еден момент не размислувал кога му се дала „оваа голема историска можност да се реши 30-годишен спор“.
-Се решава спор што беше пречка со земјата на северната граница, која ѝ го имаше свртено грбот на Грција, која ќе беше и е нејзиниот природен сојузник, што сега ни овозможува да имаме економска активност таму, тие да се нашите основни стратешки партнери. Авионите на нашето воено воздухопловство, наместо турските Ф16, да се оние кои го надгледуваат нивниот воздушен простор. Овие се големите можности на договорот што е од национално значење и со патриотски вредности, што имав среќа, бидејќи ми беше дадена можност, да го направам. Ако другите премиери ја имаат оваа можност, ќе го стореа тоа, објасни грчкиот премиер, пренесе МИА.
На коментарот од новинарот дека многумина сметаат дека исто како и во 2015 година, така и за Договорот од Преспа, владата требала да го праша народот, Алексис Ципрас одговара со прашањето: „Ќе одржиме ние референдум за тоа како ќе се викаат нашите соседи?“.