ОСВЕТУВАЊЕ НА ПРВИТЕ МПЦ „СВЕТИ ПЕТАР И ПАВЛЕ“ ВО ГЕРИ И „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО КОЛУМБОС

Црквата „Свети Петар и Свети Павле“ во Гери, Индијана беше прва црква на Македонците во САД под јурисдикција на Македонската православна црква. Иницијативата за формирање на црква беше поттикната во септември 1960 година. Во 1961 година црковната општина беше регистрирана од Македонската православна црква во Скопје. Во 1967 година оваа црква во Гери беше седиште на митрополитот Кирил. Оваа црква е осветена на 14 јули 1963 година од архиепископот на МПЦ г.г. Доситеј. Храмот „Св. Богородица“ во Колумбос, пак,  беше осветен на 9 мај 1965 година од поглаварот на МПЦ г.г. Доситеј, во сослужение со тогашните: злетовско-струмичкиот епископ Наум, ѓаконот Кирил Поповски (митрополитот Кирил)

Осветувањето на првите македонски православни цркви во Соединетите Американски Држави имаат посебно место при подготвувањето на моногравското дело за митрополитот г. Кирил, како и за црковното живеење на Македонците на тие простори. Затоа, во монографијата „Митрополитот Кирил“ која е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Полошко-кумановската епархија и Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, од авторот на овие редови Славе Катин  се дадени бројни податоци токму за црковно-духовниот и националниот живот на Македонците од сите делови на Македонија во САД.

Така, во неа се вели дека во Гери, градот што и припаѓа на државата Индијана и кој е сместен на педесеттина километри од метрополата Чикаго во државата Илиноис, е изградена македонската православна црква „Свети Петар и Свети Павле“. Овој град со околу стотина илјади жители денес претежно Црнци (афро-Американци) е познат по тешката индустрија што почнала да се развива уште со неговото формирање во 1906 година. Тој е еден од најголемите центри на челик во светот, каде Македонците започнале да се населуваат уште со неговото формирање. Нив ги има од егејскиот дел на Македонија од Охридско, Битолско, Преспанско и други места.

bgt2
Црквата „Свети Петар и Павле“ во Краунт Поинт, Индијана

Македонците во Гери започнале да се организираат меѓу двете светски војни, членувајќи особено во Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС). Меѓу нив биле иселениците: Благој Попов, Атанас и Васил Близнаков, Методи Метлев и други. Потоа во септември 1960 година, Македонците Петре Глигоровиќ, Владимир Гаштевиќ и Петре Ристиќ, кои во САД заминале кога Македонија беше дел на кралска Југославија, станаа иницијатори за акцијата за изградба на македонска црква.

Иницијативата за изградба на црква под името „Свети Петар и Свети Павле“ беше со радост поздравена и прифатена од голем број македонски доселеници на тие простори. Таа беше прва црква на Македонците во САД под јурисдикција на Македонската православна црква. Иницијативата за формирање на црква беше поттикната во септември 1960 година. Во 1961 година црковната општина беше регистрирана од Македонската православна црква во Скопје, кога е побарано да биде испратен свештеник.

Свештеникот Борис Поповски за првпат за православните доселеници отслужи богослужба на македонски мајчин јазик во една Сиријска православна црква. Зградата на црквата беше адаптирана во православен храм, а потоа на 14 октомври 1962 година е поставен камен-темелникот на идниот македонски храм кој е прв македонски објект на северноамери канскиот континент.

Во 1967 година оваа црква во Гери беше седиште на митрополитот Кирил. Црквата „Свети Петар и Свети Павле“ е осветена на 14 јули 1963 година од архиепископот на МПЦ г.г. Доситеј во сослужение со свештениците Климе Малевски, Кирил Стојановски и Спиро Танасковски.

Голем придонес за развојот на духовно-националниот живот во оваа црква имаат голем број Македонци, Меѓу нив како претседатели треба да се потенцираат: Благоја Крстевски, Стево Ѓерѓиевски, Благоја Јовановски, Милан Шикановски, Борис Илиевски, Манојло Трајков, Борис Веловски и многу други, како и свештеникот Томе Стаматов, потоа Женската, Спортската и Младинската секција.

Колумбос, пак, е главен град на државата Охајо од 1810 година, кој како милионски град претставува административен, трговски, културен и политички центар. Според бројот на населението е трет (по Кливланд и Толедо), а по површина најголем во државата. Таму живеат претежно Македонци од Битолско, Леринско, Преспанско, Охридско и други краеви, меѓу кои има истакнати бизнисмени, кои играат значајна улога во општествениот живот.

Македонците во Колумбос се обединети во македонската православна црква „Света Богородица“, која е значајна и почетна установа за целокупното црковно живеење на Македонците на тие простори. Еден од почетните иницијатори за формирањето и прв претседател на “Успение на Света Богородица“ беше познатиот иселеник од Гуменџа, во Егејска Македонија, Андон (Тони) Стојчев.

Според зборовите на митрополитот г. Кирил, Андон Стојчев својата неизмерна љубов кон Македонија ја преточи низ Македонската православна црква. Тој, заедно со бројни и напредни иселеници од постарата генерација, меѓу кои посебно место им припаѓа на: Вело Божин, Ѓорги Тошев, Ангел Чалис, Лазо Белчов, Џорџ Неделковиќ, Симо Ристов и други имаат големо значење. Тие, покрај дејствувањето на силната пропаганда од машинеријата на соседните држави кон Македонија, се организираа во Одбор за изградба на македонска православна црква, која ќе биде под закрила на Црквата во Македонија.

Еден од значајните датуми што е запишан во историјата на македонската колонија, а и воопшто во историјата на иселеништвото во САД и Канада, е 30 декември 1958 година. Тогаш, за прв пат на американскиот континент се одржа света богослужба на мајчин македонски јазик, што ја отслужи свештеникот Стефан Белчевски. Овој значаен чин и патриотско дело беше извршен во салата „Александар Македонски” во Колумбос.

Потоа се разви широка активност и акција за собирање материјални средства. Во 1961 година, малубројните семејства го купија местото, каде 1964 година се поставени и осветени темелите, а потоа започна изградбата на црковнот храм „Успение на Пресвета Богородица“. Потписници за црквата беа Методи Пашович, Вело Божин и Петар Кристов.

bgt3

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, Охајо

По изградбата на храмот на 9 мај 1965 година тој беше осветен од архиепископот охридски и македонски, поглаварот на МПЦ г.г. Доситеј, во сослужение со злетовско-струмичкиот епископ Наум, ѓаконот Кирил Поповски (митрополитот Кирил), свештениците Нестор Поповски и Стефан Белчевски, а пред неколку стотици верници, како и пријатели и претставници на американското општество.

За изградбата на овој храм и воопшто за успехот на црковно-националното поле во македонската колонија во Колумбос се заслужни голем број активисти. Меѓутоа, посебно место имаат претседателите: Андон Стојчев, Џим и Трајан Миленковиќ, Методија Пашовиќ, Гоце Лабудовски, Васко Целевски, Ристо и Гоце Ѓорѓиевски, Бранислав Манев, Јосиф Христовски и многу други, како и свештеникот Душко Георгиевски, Женската секција и Неделното училиште.

Инаку, старата црква беше опожарена во 2006 година. Новиот храм, пак, посветен на света Богородица, кој исто така, се наоѓа во Колумбос, беше осветен од архиепископот г.г.Стефан и митрополитите г. Кирил и г. Методи на 22 октомври 2006 година.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ повеќе пати била домаќин на македонските црковни народни собири, а на собирот во 1985 година, тогашниот градоначалник на Колумбос го прогласил американско-канадскиот архијереј, митрополитот Кирил за почесен граѓанин на градот.

Продолжува

slavk

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *