Силјановска Давкова: Граѓаните на избори ќе ја делегитимираат оваа власт

Изборите се начин на кој се решава прашањето на легитимитетот или делигитиминирање. На изборите првиот и последен глас, конечниот глас го имаат граѓаните и тие се оние кои треба да ја делегитимираат сегашната власт која е веќе делегитимрана поради кршењето на Уставот и законите во повеќе наврати, порача кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова во обраќањето пред граѓаните на митингот во општина Кисела Вода.

Таа како пример за тоа ги посочи референдумот, промената на Кривичниот законик, одлуката за референдумот, Законот за амнестијата … , кои, како што рече, се акти на кршење на Уставот и на законите.  Според неа, она што оваа власт сторила, а немала легитимитет за тоа е промената на името.

-Единствената промена што ја направија директно не засега сите нас. Тоа е болно, страшно бидејќи се што сме правеле во животот, се што сме читале, се што сме пишувале, се што сме сонувале било врзано за Република Македонија. Значи никој нема право, односно нема мандат, ако на изборите во изборната програма не го нотирал тоа дека ќе го прави потем да го спроведува, рече Силјановска Давкова.

Смета дека во земјава, и во светот воопшто во криза е претставничката демократија затоа што се покажало дека претставниците не секогаш ги претставуваат граѓаните туку си се претставуваат себе и оти е време тоа да се промени.

-Лекот е нови форми на партиципативна демократија, нови форми на кои луѓето ќе можат да бидат вклучени во процесот на одлучување на сите нивоа на локално, на регионално, на национално. Јас овој величествен собир овде го сметам за таква форма на директна демократија, ние сме овде да ве чуеме вас, вие сте овде да ги чуете нашите ветувања, ние сме овде да ве увериме дека се што ќе чуете ќе го запам етиме и ќе го спроведеме, за разлика од оние другите кои се што кажуваат веднаш забораваат, а потоа не се сеќаваат па дури и го негираат, истакна Силјановска Давкова.

Забележа дека власта е неуспешна на сите полиња, од сферата на економијата, дека не работи на унапредување на животот на граѓаните. За обвини за криминал. за партиски вработувања, за корупција.

– Земја со корупција и криминал е земја со загрозена безбедност. Земја со корупција и криминал може лесно да биде мета на терористички закани, ама тие живеат во нивниот свет, во нивниот богат мирен свет, далеку од вашиот и нашиот. Тој свет набрзо ние ќе го предизвикаме, тој свет ние набрзо ќе го срушиме, истакна Силјановска Давкова додавајќи дека е време да се почне да се гради  нов свет, свет на право, правда и правичност.

На митингот во Кисела Вода пред присутните граѓани говореше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е уверен дека кандидатката која тие ја поддржаа ќе победи убедливо на претстојните претседателски избори.

Се погласно низ земјата, рече Мицкоски, се говори вистината, а тоа е дека ќе победиме на 21 април и 5 мај. Тогаш заедно со вас ќе им покажеме што значи народната волја и како е кога ќе победи народната волја.

Тој потенцира дека по победата на претседателските избори ќе следи и победа на предвремените парламентарни избори, по што граѓаните ќе можат да видат како се работи чесно, како се држи до даден збор, за разлика од тие кои не исполнија ниту едно ветување и кои се колнеа дека нема да го променат името и идентитетот тоа го направиле.

Мицкоски рече дека кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова не е случаен избор на ВМРО-ДПМНЕ и оти таа ги има сите човечки и професионални капацитети да ја извршува функцијата претседател на државата.

Претходно, Силјановска Давкова и Мицковски имаа средби со граѓаните во Општина Центар.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *