Полска го ратификува Пристапниот протокол за нашето членство во НАТО

Сенатот на Република Полска, денеска во Варшава, на седница, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, изгласа согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО.

Како што соопшти МНР, по минатонеделното гласање во полскиот Сејм, со денешната согласност во Сенатот, Полска и формално го заврши процесот на ратификација на Пристапниот протокол,  како 11-та по ред од земјите-членки на НАТО.

По седницата, Димитров беше примен на куртоазна средба од страна на Маршалот на Сенатот на Република Полска, Станислав Карчевски, на која, се посочува, биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји и се разговарало за можностите за интензивирање на парламентарната соработка.

-Благодарни сме на Полска, која оваа година одбележува 20 години од пристапувањето во Алијансата и 15 години од зачленувањето во Европската унија, што континуирано ги поддржува нашите напори за реализација на стратешките определби за интегрирање во ЕУ и НАТО.  Длабоко сме уверени дека таквата поддршка и партнерство ќе продолжат и во иднина, изјави Димитров.

Министерот Димитров, вечерва, во Претседателската палата, во рамки на министерскиот состанок на шефовите на дипломатиите за Берлински процес, ќе учествува на работна вечера под покровителство на Претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, на која ќе се зборува за младите од Западен Балкан и предизвиците со кои тие се соочуваат, во контекст на Европската унија.

Димитров, утре, во Варшава, ќе учествува на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес. Состанокот е предвиден како подготовка на шестиот Самит на Берлинскиот процес, кој оваа година ќе се одржи на 5-ти јули во Познан, а целта е осврт на земјите учеснички во Процесот кон она што е постигнато во изминатата година, идентификувајќи ги достигнувањата, предизвиците и можностите за земјите од Западен Балкан.

Во рамки на трите предвидени сесии, министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на продлабочувањето на регионалната соработка и решавањето на отворените билатерални прашања, проширување на областите на соработка на младите од регионот, со акцент на Регионалната канцеларија за млади (RYCO), како и за очекувањата во поглед на придобивките од Самитот во Познан.

На постојниот формат на земјите од ЗБ6 и земјите-членки на ЕУ кои досега беа дел од Процесот (Германија, Австрија, Франција, Италија, Обединетото Кралство, Полска, Хрватска и Словенија), годинава им се придружуваат и Бугарија и Грција. По завршување на состанокот, ќе се одржи и Третата министерска конференција на Фондот за Западен Балкан, стои во соопштението од МНР.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *