Пендаровски: Различни, а обединети тргнавме по патот што води до НАТО и ЕУ

Oваа држава е модел како треба да се живее заедно. Вие се почитувате како луѓе, вашата верска, национална или партиска припадност е ваше човечко право. И токму такви, различни, а обединети тргнавме по патот што води до НАТО и Европската Унија, нагласи вечерва заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски на коалицијата на власт на средбата со жителите во општина Брвеница.

Истакна дека успешните политики на домашен и меѓународен план резултирале со процес на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, што Северна Македонија ја прави 30-та земја членка на најсилниот безбедносен сојуз на светот .

– Со влезот во НАТО трајно ги обезбедуваме нашите граници, но и создаваме можности за повеќе инвестиции, повеќе работни места и повеќе пари кај граѓаните. Со членството во НАТО ја ставаме државата на листата на безбедни и стабилни држави, а тоа значи и влез на повеќе странски инвестиции и отворање на нови подобро платени работни места. И затоа, не смееме сега да застанеме, потенцираше претседателскиот кандидат.

Посочи дека членството во НАТО е децениски национален и државен интерес кој носи придобивки за државата и нејзините граѓани.

– Како претседател ќе ја имам честа да бидам врховен командант на армија која е дел од најмоќниот безбедносен сојуз во светот – НАТО Алијансата, порача Пендаровски.

Наведе дека е подготвен да биде претседател за сите и да ја води земјата кон развој и интеграција.

– Затоа, на 21 април велиме заедно напред за подобар живот за сите, економијата да оди напред, армијата да стане уште повеќе почитувана, да се отвораат нови работни места, рече Пендаровски.