Силјановска-Давкова: Ќе покажеме како се водат евроатланските процеси

Кандидатот за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова вечерва се сретна со граѓани на скопската општина Бутел пред кои ги презентираше нејзините заложби за водење на евроинтегративните процеси, а се осврна и на политиките што ги води актуелната власт.

– Ние ќе им покажеме како се водат евроатланските процеси и интеграции. Како не се изморија од повторување евроатлански интеграции – ЕУ и НАТО, но тоа се само зборови за нив, реторика, а зад овие зборови нема никаква содржина, никаква суштина и тоа наскоро ќе го чујат, истакна Силјановска-Давкова, додавајќи дека власта ги користи ЕУ и НАТО како алиби за својата егзистенција и висок животен стандард.

Нагласи дека владеењето на правото е најважно за функционирање на државата, но, како што рече, во моментот во државата нема право и правда. Оцени дека политиката што ја води СДСМ е лоша, алудирајќи на законските решенија што ги донесе парламентарното мнозинство. Според неа, политиката на СДСМ е нелегална, а со самото тоа и нелегитимна.

– Она што се случуваше од настаните од 27 или ако сакате она што се случуваше од чинот на нелегалниот и чуден избор на претседателот на Собранието до денес, се е студија на случај во компаративното уставно право и политички систем. Од чудниот закон за амнестија, преку измените на Кривичниот законик, до одлуката за референдум, до постапувањето на неуспешниот референдум, се е надвор од границите на правото. Тоа е политика која не е врамена во правото. Таквата политика не само што не е легална, туку е нелегитимна. Затоа ние постојано зборуваме за право и правда во Македонија. Зошто правото и правдата ни се врежани во кодот уште во химната, затоа можеби им пречи химната, бидејќи ги потсетува на неправдите кои што ги прават, а и ги потсетува и на името што го наследиле и што наместо да им го остават на наследните забораваат и да го споменат, рече Силјановска-Давкова.

Додаде дека најважно е претседателот на државата да има цврст став и да не создава конфузија, потенцирајќи дека таа никогаш не се негирала самата себе си.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *