Димитров: Поддршка од Берлин за сработеното и отварање на следното поглавје на патот кон ЕУ

Актуелностите и претстојните чекори во процесот на нашата натамошна интеграција во ЕУ беа тема на средбата што во рамките на работната посета на Берлин ја имал министерот за надворешни работи Никола Димитров во Канцеларијата на бундесканцеларката Ангела Меркел , со главниот советник за надворешна политика Јан Хекер и заменикот главен советник за европски прашања Франц Ноједер.

Како што соопшти МНР, од страна на соговорниците беше поздрaвен успехот што Република Северна Македонија го постигна во делот на реформите и добрососедските односи и, во таа смисла, беше потврдена јасната поддршка за соодветно препознавање на направеното и отварање на следното поглавје на патот кон Европската унија.

Во рамки на посетата, денеска, се додава, министерот Димитров заедно со вицепремиерот Бујар Османи, ги продолжија активностите во Бундестагот со средба со пратеникот на ЦДУ/ЦСУ, Јохан Вадефул. Во фокус на разговорот, се наведува, беа текот на домашните реформи и резултатите во делот на добрососедските односи и соработка преку Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор и претстојните чекори во процесот на европската интеграција, како и улогата и поддршката на Бундестагот во овој контекст. Притоа, од страна на пратеникот Вадефул беше поздравен постигнатиот напредок и повторена поддршката за натамошно напредување во евроинтегративниот процес, стои во соопштението од МНР.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *