Пендаровски: Да продолжиме напред за да се засилат позитивните трендови

Кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на митинг во Неготино рече дека е направен незапаметен исчекор во изминатите две години. Со де факто зачленувањето во НАТО, како што рече, нашите граници се обезбедени од најмоќните 29 земји на светот и за нив имаме меѓународна гаранција и сигурност.

-Првпат седиме на иста маса со клучните држави кои го обликуваат денешниот свет. Таков исчекор е  незапаметен. Сега треба да продолжиме напред, кон ЕУ, да ги отвориме можностите и да ја обезбедиме иднината. На тие крупни чекори да им дадеме реална вредност на домашен план, во економијата и подобриот живот, порача Пендаровски пред неготинци.

Рече дека е исправена неправда кон лозарите од овој крај – исплатени се пари кон повеќе од 2.000 лозари од Тиквешкиот Регион за предадено, а неплатено производство во претходните години. Обезбедени се 424 грантови за младите земјоделци од по 10.000 евра за да почнат сопствен агробизнис. Тоа се позитивни трендови, рече Пендаровски и додаде дека е потребно  да продолжи напредокот за тие трендови да се засилат.

-Само доколку продолжиме напред ќе осигураме членство во ЕУ. Тоа ќе ги отвори можностите за пристап до огромните фондови на Унијата за земјоделството и ќе даде шанса за пласманот на нашите производи на пазар од 500 милиони жители. Затоа е важно да продолжиме напред, рече Пендаровски.

Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата претходно имаше средби со граѓаните на Градско, Росоман и Демир Капија, а по Неготино продолжи на митинг во Кавадарци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *