Силјановска-Давкова: Да се излезе на изборите, ќе инсистирам на почитување на Уставот

На овие избори најважно е да се излезе и да не се  остави  проблемот со изборниот цензус од 40 проценти. Зошто се плашам дека ако не го достигнеме цензусот дека тогаш можеби претседателот ќе се бира во Собранието.

Ова го порача кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова вечерва на предизборен митинг во Кичево.

-Јас сум голем критичар на избор на претседател во Македонија од Собранието зашто тогаш не само што сите вие како гласачи нема да имате никакво влијание врз изборот, туку двајцата лидери на партиите, како што досега правеа, ќе го изберат. Осумдесет и еден пратеник само ќе потврдат и ќе кренат рака. Тој или таа нема да биде по наша мерка, туку ќе биде по нивна мерка. Јас повеќе верувам во мудроста на народот дека тој умее да препознае не само партија, не само лидери, туку и личност која ќе произлегува од него и ќе работи за него и ќе биде со него, потенцира Силјановска-Давкова.

Потенцира дека на претседателските избори по зборовите на премиерот ќе отвори пат за нови парламентарни избори, а, како што рече, се знае кој ќе победи на тие избори и во услови на нова парламентарна коалиција ќе почне реформски процес.

Истакнувајќи дека секоја реформа почнува од нас, рече дека таа ќе се откаже од претседателските привилегии. Во надворешната политика, посочи, нема да се опкружува со амбасадори, конзули, воени аташеа, кои се познати по тоа што се партиски или политички личности, туку со извонредни и квалификувани дипломати.

Секогаш ќе инсистирам на почитување на Уставот и законите на владеење на правото зошто тоа е мојата филозофија. Ако пред мене се најде закон за кој во советување или преку советите преку мислењата на квалификуваните околу мене ќе заклучам дека е неуставен ќе му го предочам тоа на Собранието, ќе побарам да ги образложам причините за ветото, и ќе го предупредам дека и Собранието и пратениците се под Уставот и законите, а не надвор од него. Тогаш нема да биде важно која власт ќе биде на власт, која паријата ќе биде на власт, оти државата ќе функционира според Уставот и законите. Таквата држава е европска држава, порача Силјановска-Давкова.

Посочи дека ќе го искористи инструментот обраќање во Собранието и дека ќе се обраќа повеќе пати секогаш кога ќе смета дека е важно. Најдобрите, ветува таа, ќе се најдат на вистинските места. – Во Уставниот суд ќе предлагам врвни правници, професори по право, судии и адвокати за да го чуваат Уставот како очите. Во Советот за безбедност ќе именувам врвни експерти за безбедносни прашања, а ќе ги преиспитам и безбедносните структури бидејќи се плашам дека фамилијарни односи од комунизмот уште се провлекуваат и тогаш ние не сме безбедни, рече Силјановска-Давкова.

Присутните во Кичево ги поздрави лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој потенцира дека на 21- април победуваат.

– Победуваме на 21 април, а потоа таа победа ќе ја потврдиме и на 5 мај, а после 5 мај се знае –  предвремени парламетнарни избори, а на тие избори победува ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „За подобра Македонија“ и коалицијата со народот. Таа е најголемата коалиција во независна Република Македонија, а сета сила на таа коалиција ќе ја почувствувате многу скоро, рече Мицкоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *