Уникатниот иконостас стар 180 години во прилепската црква „Свето Благовештение“ мора да се заштити зашто може да падне, апелираат од прилеската црква која денеска со огромен број верници го одбележа празникот „Благовец“ и својот празник.
Прилепската црква на повеќе начини е со уникатно културно богатство: во црквата се пронајдени уникатните книжни икони, своевремено претставени во светот, на изложба во Њујорк, го има единствениот владичин престол и уникатниот иконостас, стар 180 години, заштитен од Заводот и музеј како културно богатство.
Според протојереј Илчо Смилески, старешина на црквата на иконостасот кој го изградил зографот петре гарката со братот и тајфата пред 180 години му се неопходни фумигација и конзервација.
-Иконостасот е едно од најпознатите ремек дела на зографството и е уникатен кој го направил познатиот зограф Петре Гарката и е врсник со храмот, изграден е пред 180 години.Ссостојбата е навистина лоша. Имавме апел да се конзервира и до Прилепскиот музеј, но досега нема ништо. Потребна му е фумигација и конзервација, постојано се интервенира и постои опасноста да падне и да изгубиме врвно културно богатство. Тоа и ние би го направиле но не смееме, зашто е заштитено културно богатство, вели протојереј Смилески.
Денеска голем број прилепчани, со посебен пиетет го одбележаа празникот Благовец, но велат, посебно во овој прилепски храм зашто слави 181 година опткако е примена „Благата вест“ дека во Цариград прилепскиот еснаф издејствувал ферман за градење на црквата. денешниот празник е и верски, празник на пролетта, но и голем празник на мајките зашто Богородица ја примила „благата вест“.
-Овој соборен храм „Свето Благовештение“ е посветен токму на „благата вест“ која ја донел прилепскиот познат претставник на еснафот Аџи Христо Логотед од Истанбул дека еснафите и православните христијани кои живееле во нашиот град конечно ќе може да изградат свој храм, освен оние храмови кои биле во најпознатата прилепска населба Варош во тој период, но биле помали. Затоа требало да се направи поголем храм со растењето на градот. Инаку, на 21 септември минатата година, на празникот „Мала Богородица“ се навршија 180 години од осветувањето на храмот „Свето Благовештение“, објаснува протојереј Смилески.