Пендаровски: Мора да бидеме демократска и правна држава и затоа СЈО треба да продолжи со работата

Република Северна Македонија мора да биде правна држава и токму затоа е неопходно да продолжи да работи Специјалното јавно обвинителство (СЈО), порача вечерва Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и Коалицијата на трибина во Велес.

Во врска со дебатите за идниот статус на СЈО, посочи дека многумина знаат, марширајќи ги улиците во текот на Шарената револуција и подоцна, борејќи се против режимот, дека главниот слоган на таа револуција беше „Нема правда нема мир“. Тој потенцира дека оваа влада и оваа структура на власт, како и тој како кандидат за иден претседател на државата, немаат  намера да отстапат ни за милиметар, за  да ја бараат правдата.

-Нам ни било пишано по трнлив пат да одиме, но ќе го изодиме. СЈО треба да продолжи и понатаму  да работи за да се почитуваат законите во државата. Нашата тенденција е токму таа, Република Северна Македонија мора да биде демократска и правна држава, потенцира Пендаровски пред велешани.

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, во своето обраќање истакна дека после 10 години нашата земја ќе има претседател кој му треба него, но и треба на државата, на Владата, на парламентот и на народот.

Потсети дека во изминатите 22 месеци на власт, оваа Влада решила многу крупни и суштествени прашања за државата, но за жал, нагласи, досегашниот и се уште актуелен претседател не смогна храброст да направи чекор и да ја води државата напред.

-Секој на свој начин одлучува како ќе работи и ќе помогне на својата земја. Ние сме сите денеска овде за да бидеме од помош на нашата земја, да трасираме уште подобри патишта и да се движиме со уште поголемо темпо. Се решија големите проблеми и затоа имаме странски инвестиции од 624 милиони евра во 2018 година што е нов рекорд на државата од 1991 година до денеска. Во најдобрата година 2011-та биле 340 милиони евра, што е скоро двојно повеќе, потенцира Заев.

Тој информира дека индустријата расте. Почна, додаде, со Бруто домашен производ од минус 1,8 проценти пред 22 месеци, а сега во последниот квартал забележа раст од 3,7 проценти.

На велешани им порача дека донеле крупни одлуки, бидејќи, како што рече, со скарани соседи државата не може да оди напред. Посочи дека досега никој не смогнал сили да го реши проблемот со Грција и истакна дека дел од нив по цена и на сопствениот живот храбро чекореле по улиците и успеале зашто донеле храбри одлуки, бидејќи се бореле за нашата држава и нашиот народ.

Преку Договорот од Преспа, како што рече, добиле фер и праведно решение што не било лесно ни за Грција ни за нас.

-Тоа само покажува дека договорот е правичен. Секогаш нашите татковци и дедовци се бореле да имаме наша земја, грутка парче наша македонска земја што нема да биде оспорена од никој, во која ќе живеат сите граѓани од мултиетничка Македонија, но да биде признаен и македонскиот јазик што го зборуваат мнозинството граѓани кои се Македонци. Тоа беше борбата на нашите татковци и дедовци и прадедовци и на Крушевската Република, на НОВ и на сите наши борби што сме ги имале во минатото. Денеска имаме земја признаена од целиот свет и никој повеќе не ја оспорува, признаен македонски јазик, признаен македонски идентитет. Кога ќе отворите гугл на страната на Обединетите нации таму веќе е запишана нашата лична карта и стои чисто Македонци и македонски јазик и ниту има ѕвезда, ниту има фуснота, ниту друго и при тоа изградивме насекаде пријатели околу нас, потсети Заев.

Претседателскиот кандидат Пендаровски го повика младиот д-р Страхил Тодоров да се обрати на трибината. Тој пред присутните потенцира дека како млад човек и лекар почувствувал дека со премиерот Заев и со претседателскиот кандидат Пендаровски  има перспектива за младите во оваа држава.

Како што појасни пред присутните, затоа и решил да остане  во својата татковина наместо да замине во странство и тука да ја гради кариерата и својот животен пат. -Со Заев и Пендаровски им се врати надежта на младите и со нив цврсто чекориме напред, порача Тодоров.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *