Жбогар: Се надевам дека во јуни ќе ги почнете преговорите за членство со ЕУ

Се надевам дека на состанокот на Советот на ЕУ во јуни, змејите-членки ќе одлучат да отворат преговори со Северна Македонија. Остваривте голем напредок, кога ќе погледнете наназад ќе видите голема разлика – од земја која гледаше непријатели околу себе, сега е пријател со сите нив.

Ова денеска го изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, кој денеска одржа предавање на Факултетот за безбедност-Скопје, во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот.

– Од земја која беше во политички превирања, сега има функционална демократија, функционален Парламент со опозиција која се ангажира за реформските процеси, реформите во праводуството, така што гледаме важен напредок. Секако уште многу нешта можат да бидат направени до јуни, и со надеж чекаме да ги видиме вашите достигнувања и да видиме што ќе се случи дотогаш, истакна Жбогар.

Коментирајќи дали законот за Специјалното јавно обвинителство е еден од критериумите за отворање преговори во јуни, Жбогар посочи дека министрите на ЕУ минатиот јуни кога го отворија патот за почеток на преговори, поставија услови и за реформи и конкретни резултати во правосудниот систем.

– Специјалното јавно обвинителство покажа големи достигнувања, и за нас како ЕУ и за сите земји-членки е важно на СЈО да му се дозволи да ја врши својата работа, и да покаже уште поголеми достигнувања за судските предмети, оцени Жбогар.

Изрази очекување дека сите политички партии во Парламентот ќе најдат начин да му дозволат на Специјалното јавно обвинителство да ја продолжи работата.

На предавањето пред студентите на Факултетот за безбедност, Жбогар се осврна на историјатот на ЕУ, во кој Унијата започна како мировен проект по разорнувачките конфликти, со цел да ги зближи народите и земјите да не војуваат повторно меѓусебе.

За Жбогар најголем предизвик со кој ЕУ сега се соочува е појавата на национализмот и анти-ЕУ движеањата.

– Најголем предизвик е граѓаните да се уверат дека интегрираната Европа не е закана за националниот суверенитет. Тоа особено дојде до израз по имиграциската криза. Со овој предизвик сфаќаме дека Европската Унија не може да се земе здраво за готово, истакна Жбогар, додавајќи дека оттука е големо значењето на претстојните избори за Европскиот Парламент.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски порача дека предавањето на Жбогар на Факултетот е значајно, особено, како што рече, сега кога сме во фаза на сериозни реформи, и подготовка на нашето општество за почеток на преговорите со ЕУ, да можеме на младите да им дадеме што поширок поглед во однос на тоа зошто е важно овој пат да биде засилен во нашето општество.

Коментирајќи ја изјавата на рускиот амбасадорт во ЕУ Владимир Чижов дека проширувањето на НАТО со Македонија ќе го дестабилизира Балканот и ќе значи ризик за безбедноста за Европа, Дујовски рече дека проширувањето на НАТО со Северна Македонија воопшто не значи ризик за безбедноста.

– Напротив ќе значи дополнителна стабилност за целиот регион и за нашата држава и за сите други држави во регионот, затоа што со нашето членство во НАТО ќе се заокружи еден долготраен процес што ќе овозможи и на земјите-членки на НАТО и на сите во регионот да се посветат на други прашања, оцени Дујовски.

Предавањето на Жбогар на Факuлтетот за безбедност-Скопје, е во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот.
Целта на предавањето е преку дискусија на актуелни теми кои се важни за европските интеграции да се нагласи значаењето на периодот на целосна стабилизација на безбедноста на земјава, нејзиниот развој и соработка, очекувањето земјата да ги започне преговорите со ЕУ, како и за предизвиците во регионот.
По предавањето имаше дискусија на студентите и професорите на факултетот.
Активноста е во рамки на воспоставувањето поинтензивна соработка на Факултетот за безбедност-Скопје со странските дипломатски претставници во земјава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *