Пендаровски: На овие избори ќе гласате за политиката која ја извади Македонија од дното

Мора да бидам претседател на сите граѓани и со интегритет. Не ми паѓа на памет ако ми дојде мандатар со 61 потпис од пратениците да не му дадам мандат. Тоа е злосторство против народот и државата. Не ми паѓа напамет да не потпишам закони двапати донесени. Се што е во корист на граѓаните од мене ќе биде потпишано и поддржано јавно, во интерес на Македонија и на  граѓаните, истакна кандидатот за претседател Стево Пендаровски на вечерашната јавна, отворена трибина со прилепчани на плоштадот „Методија Андонов Ченто“.

-На 21 април и на 5 мај ќе биде своевиден референдум на се она што направи оваа политичка структура која направи историски исчекор да ја позиционира Македонија на европската мапа. И затоа, нема да гласате за Стево Пендаровски, туку ќе гласате за оваа политика која ја извади Македонија од дното, рече Пендаровски.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев смета дека слоганот на кампањата која штотуку почна е заедно, зашто сега е најпотребно единство, заедништво и сплотеност, а не поделби и кавги.

-Со пречки и делби внатре нема напредок, туку единството ја прави силата. Храброста на одлуките ја носат државата напред. Донесовме храбри одлуки и затоа не смееме овде да застанеме, зашто патот е трасиран и само по тој пат вреди да одиме. Затоа, нема многу алтернатива во изборот на овие избори. Од другата страна нема ништо, нема ставови, ниту понуда. Има само назад, нови поделби, кавги, рече Заев.

Според него помина времето на политиканство и сега се зависи од нас, а Стево Пендаровски како надпартиски кандидат ќе ги движи процесите. Од друга страна, додаде Заев, се луѓе кои сакаат етнички делби и се без ставови што е незамисливо.

-На овие избори имаме едноставен избор. Имаме човек, создаден за претседател. Во 2014 година режимот, заканите и уцените му го зедоа мандатот. Имаме човек за претседател универзитетски професор кој го владее меѓународното право. Стево Пендаровски е претседател на сите граѓани, не ги дели по ниту еден основ. Тој не е член на СДСМ, туку е надпартиски кандидат. Ќе имаме претседател кој ќе биде предводник на интеграциските процеси, но и на животот во државата, на прогресот, потенцира Заев.

Пред прилепчани  нагласи дека е важно да се знае – не сме северномакедонци, туку Македонци во Северна Македонија, а овие избори се многу важни.

-Ние не сме северномакедонци, ние сме Македонци. Имаме македонски јазик. Во личната карта во ОН пишува Македонци со македонски јазик и сме Северна Македонија. Да им биде на сите јасно. Донесовме фер и праведно решение. Страв и е на кандидатката за претседател да ги спомене етничките заедници. Ги делат граѓаните по етничка основа. А низ историјата сите сме биле и ќе бидеме заедно. Ќе имаме претседател еднаков за сите граѓани. Затоа преговаравме со сите партии за да нема калкулации за вториот круг за тајни договори, рече Заев.

Претседателот на СДСМ ја нагласи важноста од првата официјална посета на грчи премиер кој ќе дојде со 200 бизнисмени, а од друга страна дека тече економскиот развој во земјава.

-За осум месеци имаме 624,5 милиони евра странски инвестиции, 19 нови големи странски компании, се градат погони, ќе расте стандардот. Од -1,8 проценти кога дојдов за премиер, БДП во последниот квартал е 3,7, а во овој квартал ќе биде над 4 насто. ВО јануари во споредба со лани индустријата е зголемена за 12 отсто, а во февруари за 7,5 проценти. Сега се е подготвено за економски прогрес. Само ни треба човек за претседател кој ќе не води, а тоа е Стево Пендаровски, порача пред прилепчани претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев претставувајќи го претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *