Силјаноска-Давкова најави дека како натпартиски кандидат ќе ја побара поддршката од разочараните неутрални гласачи

Кампањата ја замислувам како рамноправен натпревар на идеи, етички натпревар на програми, витешки натпревар на ставови. Јас ќе се држам до тоа, без намера да напаѓам личност, секогаш ќе дискутирам за реалните проблеми. Ќе ги критикувам сите, ќе им се обраќам на граѓаните, индивидуите, а не на партиите. Би сакала со мене и околу мене да бидат неутралните гласачи, оние кои можеби идеолошки припаѓаат на другите партии, но она што се случуваше овие години длабоко ги разочара. Тоа на првиот ден од кампањата од Охрид го порача Гордана Силјановска-Давкова, претседателскиот кандидат поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Таа во изјавата дадена пред медиумите од Охрид, каде ВМРО-ДПМНЕ традиционално ги почнува сите предизборни камапањи и каде вечерва ќе се одржи партискиот митинг, изрази уверување дека шансите за победа на изборите се големи за непартиска, натпартиска личност, која ќе ги застапува сите граѓани.

– Оној кој ќе докаже дека е човек од и за народот, таквата личност може да посегне по помирување, бидејќи поподелено оппштество во моментов од македонското мислам дека нема, рече таа.

Силјановска-Давкова оцени дека доаѓа време на жените, забележувајќи оти е срамно државата досега да немала жена премиер или претседател, имајќи предвид дека, како што посочи, „родовата еднаквост е доказ на демократијата, откажување од знаење, енергија, ум“.

Како свои адути во изборите меѓу другото таа ги посочи личното професионално искуство, своите знаења од областа на уставното право, децениските искуства од проучуваните проблеми во поделбата на власта.

– Зошто јас. Затоа што знам многу за политичките системи, уставното право, ги знам компаративните искуства, односите меѓу трите власти, проблемите во судството. Тоа знаење сметам дека можам и во пракса да го применам и да го докажам, рече таа.

Давкова нагласи дека доколку биде избрана ќе почне со редуцирање на привилегиите на претседателот, како инспирација за преиспитување на останатите власти.

– Претседател опкружен со мал тим квалификувани луѓе чии биографии не се тајна, тоа може да биде инспирација за другите, рече таа. Најави дека како претседател многу повеќе ќе се обраќа пред Собранието, притоа адресирајќи интереси на најразлични категории граѓани се со цел да ја разбуди јавноста и на тој начин ќе покаже пред граѓаните дека е таму заради нив.

Според неа, и правото на претседателот на става вето на одредени решенија, може да биде од голем придонес во развојот на демократијата, доколку не се користи како демонстрација на сила, туку аргументирано покажува дека се е под Уставот.

– Ако при предлагањето судии во Уставниот суд, гувернер, членови на Советот за безбедност, навистина ќе се препознаат луѓе од знаење, од квалитет, тоа е доказ за меритократија, тогаш нема да ги бркаме од Македонија најспособните, туку ќе отвори процес најумните да бидат на функции, рече Силјановска – Давкова.

Таа истовремено рече дека како претседател ќе се залага за ставање крај на практиката на, како што истакна, „продолжение од претходниот систем на фамилијарна основа, нешто што новинарите го нарекуваат удбашки структури кои постојат“.

– Тоа ќе ја подобри безбедноста во земјата, ќе ја врати довербата во институциите која е многу ниска. Тоа за еден претседател не е нешто големо, но мислам дека за демократијата во Македонија ќе бид пример за поинаков начин на практикување на власта, истакна Давкова, притоа забележувајќи на големиот број мнистерства во Владата, за кои рече дека и самата држава нема да може да ги поднесе на патот кон европеизацијата.

Силјановска – Давкова вечерва ќе се обрати пред граѓаните на Охрид, на предизборниот митинг што од 20 часот ќе почне на Градскиот плоштад.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *