И покрај тоа што власта покажува декларативни заложби и волја за соработка со граѓанските организации, особено во областа на правосудство и кога станува збор за блу принт групата за правосудство, која е и член на Советот за следење имплементација на реформите од правосудството, сепак во пракса закони како што се измените на Кривичниот законик и Законот за јавно обвинителство, беа донесени без наше учество. Тоа за нас е голем пропуст и не говори за тоа дека навистина има сериозна заложба на владата да не вклучи во овие мошне исклучително важни процеси за целата држава.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска. Таа го претстави вториот квартален мониторинг бриф што е дел од активностите во рамки на проектот „За правда“ – заедничка акција за следење на реформите во судството и застапување за нивно спроведување, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Проектот го спроведува Хеслиншкиот комитет за човекови права заедно со партнерските организации: Коалиција сите за правично судење, Македонско здружение на млади правници, Институт за европски политики, Институт за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи со поддршка на Фондацијата Отворено општество-Македонија. Овој извештај го опфаќа периодот од декември 2018 година до март 2019 година, во кој требаше да завршат повеќе активности предвидени со Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството (2017-2022) и да бидат донесени повеќе закони.
За вклученоста на засегнатите страни и граѓанските организации, Пировска посочи дека спроведените акциски мерки биле со делумна транспарентност и вклученост и покрај тоа што, како што рече, поголемиот дел од законите беа подготвувани во соработка со граѓанските организации.
– Овој наш наод најмногу се темели поради тоа што некои клучни закони беа донесени во скратена постапка, како Законот за јавно обвинителство. Тој и понатаму се подготвува на начин на кој воопшто не одговара, ако се има предвид неговата важност. На почеток граѓанските организации не беа вклучени во неговата подготовка, тоа беше еден процес кој сосема беше затскриен од јавноста, а сега во моментов сме сведоци дека политичките партии преговараат по однос на законските решенија на закон за кој за сите нас и за целото општество е од исклучителна важност, оцени Пировска.
За временската рамка во спроведувањето на мерките од Акцискиот план, Пировска вели дека не се испочитувани роковите. Планот 3-6-9 помина, како што рече, помина, а во тој план беа содржани и мерки и дејствија кои се однесуваат на правосудството.
– Голем дел од нив не беа спроведени, но ние во нашиот квартален мониторинг бриф исто така на некој начин и го оправдуваме ова пречекорување на временската рамка поради тоа што во земјата се случуваа други круцијални процеси, како преговорите за името, референдумот, Договорот од Преспа…, рече Пировска.
Таа информира дека во периодот од декември 2018 година – март 2019 година биле донесени шест законски измени и дополнувања: Законот за измени и дополнувања на Кривичниот законик, Законот за измени и дополнувања на Законот за судови, Законот за управен спор, Законот за прекршоците, Законот за изменување и доплонување на Законот за извршување и Законот за зименување и доплнување на Законот за нотаријат.