„Охрид СОС“ обвинува дека Општина Охрид повторно се обидува да легализира дивоградби на атрактивни локации

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ ги обвини највисоките општински институции, како и Советот на општината дека на затскриен начин работат спротивно интересите на жителите на Охрид.

Активистите на „Охрид СОС“ посочуваат дека за наредната 26-та седница на Советот свикана за 2 април на дневен ред се предвидени точки за легализација на повеќе катастарски парцели, од кои некои на самиот брег на Охридското Езеро.

Документите по кои ќе треба да се изјаснуваат советниците, според „Охрид СОС“, речиси не се достапни на увид пред јавноста, само таксативно е наведуваат броевите на катастарските парцели. Заради тоа, од „Охрид СОС“ преку системот на Агенцијата за катастар се пронајдени сите парвцели предложени за легализација и пред јавноста презентираат што се треба да помине во Советот на седницата.

„Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца, кај авто-кампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти се става во ваква категорија „вклопување на бесправно изградени објекти“, а уште повеќе, некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро, на атрактивна местоположба. Се сеќаваме на повлечената точка од дневен ред за месноста Градиште, каде се подготвуваше слична операција, имајќи предвид, дополнително, дека тука сè уште не е завршен процесот на денационализација“, посочуваат од „Охрид СОС“.

Истовремено од иницијативата упатуваат забелешки и до централната власт, која не ги спровела самопоставените задачи до ноември 2018 да направи детален инвентар на нелегалните градби, ниту другите барања, туку според „Охрид СОС“, неумешно посочува дека за градбите кои се легализираат, мислење односно одобрение дава „надлежна установа за заштита на културното наследство“ што не е институција која може да направи проценка за влијанието врз природното наследство, а секако отсуствува и гореспоменетата, неопходна оцена.

„Владата дава отчет пред Центарот за светско наследство на УНЕСКО, а задачите кои се во доменот на локалната самоуправа се обврска на истата. Тоа секако ја вклучува урбанизација за чие планирање и контрола е задолжена Општината. Тоа е истата Општина Охрид која во 2017 немаше чуено за Препорака бр. 6 за мораториум на урбанизацијата, во летото 2018 сметаше дека прогласувањето мораториум не е во нејзина надлежност, за во ноември 2018 да се пофали дека мораториум всушност имало бидејќи од ноември 2017, Општината не усвоила нови урбанистички планови. Иако во меѓувреме, само во 2018 до Комисијата за Охридскиот регион беа поднесени десетици барања за урбанизација. Се разбира, продолжи и издавањето дозволи и градењето, помали измени на урбанистички планови, но најфрапантно, продолжи изградбата и легализацијата на дивоградби“, стои во соопштението на „Охрид СОС“.

Истовремено се предупредува дека реално не само што мораториум не постои, туку се спроведува легализација на дивоградбите, спротивно закононите, што води кон урбанистички хаос, неконтролирана урбанизација, го пореметува планскиот развој и  е директно врзана со деградацијата на Охридското Езеро односно еутрофикацијата на водите. Тоа истовремено значи дека и локалната самоуправа во Охрид и Владата демонстрираат основно наразбирање за заканите по природното наследство на Охридскиот регион и свесно го водат единственото УНЕСКО добро на Македонија на Листата на загрозени подрачја за што Комитетот за светско наследство треба да се произнесе оваа година.

Затоа од „Охрид СОС“ инсистираат на отфрлање на точките и запирање на легализацијата. Приоритетно да се изготви деталниот инвентар на нелегални градби, Оцената за влијанието врз животната средина и да се постапи по препораките на УНЕСКО. Да се пристапи кон отстранување на градбите за кое е проценето дека штетно влијаат на ИУВ на доброто и за запре легализацијата сè додека не се изработи Планот за управување со охридскиот регион.

Од Иницијативата „Охрид СОС“ предупредуваат дека сите материјали ќе ги достават како анекс на деталниот извештај испратен неодамна до неколку меѓународни институции, меѓу кои и УНЕСКО.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *