Протест на дел од поранешните работници и акционери пред тетовскиот Монопол

Поранешни работници и акционери на „Тетово табак“, познат и како Монопол, денеска со мирен протест изразија незадоволство по добиените информации дека земјиштето, објектот и целата фирма е продадена на приватен инвеститор без тие да добијат никаква информација или надомест за платите и акции што ги имале во фирмата.

Според Дарко Ѓорѓески, имотот на „Тетово табак“ во ликвидација бил продаден со преддоговор како сопственост на државата без да се земат предвид 11 отсто од акциите колку што поседуваат околу стотина акционери запишани во акционерската книга. Ѓорѓески и другите акционери се сомневаат дека со преддоговорот со приватниот инвеститор се обидуваат да се изиграат доверителите на „Тетово табак“ меѓу кои најзасегнати се работниците на кои им должат плата за четири години.

-Акциите според информациите што ги имаме веќе сме ги изгубиле со отпочнување на ликвидацијата на „Тетово табак“ пред околу две години. Ние сме ги информирале сите надлежни институции во државата, но досега не добивме никакви информации за нашата состојба. Од пред неколку денови во кругот веќе работи градежна механизација за расчистување на дворот. Ние нема да ја попречуваме работата на механизацијата, но сакаме да добиеме точни информации за што станува збор, изјави Ѓорѓески.

Тој посочи дека имотот на фирмата бил префрлен на име на државата, а неодамна бил продаден на приватен сопственик од страна на тројца ликвидатори при што со преддоговорот најпрвин бил продаден дел од околу 1.800 метри квадратни за пет милиони денари.

Имотот на „Тетово табак“ се протега на околу 44 декари од кои половина се под објекти. Просторот е на влезот во Тетово од страна на Скопје и според работниците и акционерите е многу атрактивна локација што има голема вредност.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи рече дека целата процедура треба да биде завршена од страна на надлежните државни органи, а согласно Генералниот урбанистички план овој простор што порано бил индустриски, ќе биде пренаменет како урбан дел од градот.