Средба на министерот Адеми со дијаспората во Франција

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми вчера се сретна со македонската дијаспора во Франција при што информирал за веќе усвоената национална стратегија за соработка со дијаспората – документ кој ќе претставува основа за институционално поврзување на државата и дијаспората.

Како што соопштија од кабинетот на министерот, во разговорите тој ја истакнал нејзината важност и во таа насока изразил посебно задоволство од фактот дека е одлично интегрирана во оваа земја.

-Министерот на крај дополни дека како и сега така и во наредниот период Владата на Република Северна Македонија и тој како министер задолжен за дијаспора остануваат отворени за соработка во рамките на заедничкиот интерес и взаемниот бенефит, стои во соопштението.

На средбата која што се реализираше во просторите на амбасадата на Република Северна Македонија во Парис, во организација амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов, присуствувал и државниот секретар на МНР, Виктор Димовски и директорот на Агенцијата за иселеништво Никола Шалваринов.

Димовски информирал за актуелната политичка состојба во Република Северна Македонија, при што посебно го истакнал потпишувањето на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО, и за идните предизвици и активности на нашата влада која останува максимално посветена на исполнување на сите реформи потребни за евроатлатските интеграции на земјата.

Во дебата што следела присутните имале прилика да поставуваат различни прашања како и да дадат предлози за идна подобра соработка.

Во рамките на посетата во Франција, министерот Адеми реализирал средба и со претседател на културното друштво „Кичево“ , Хади Бајрами, средба со наставничката за дополнителна настава по македонски јазик, Елица Атанасовска – Стојаноска и со сликарот Омер Калеши, се наведува во соопштението.