ССК: Нерегистрираните фирми двојно поконкурентни од регистрираните

Оние што избегнуваат плаќање даночни обврски, ги оштетуваат сите граѓани и се неправедни кон сите даночни обврзници кои работат законски. Нивното изигрување на прописите не само што претставува затајување данок, туку е и дестимул за сите што сакаат да работат почитувајќи ги законите, реагира Сојузот на стопански комори (ССК).

ССК повторно укажува на потребата од подигнување на свеста за борба против сивата економија. Воедно ги актуелизира веќе изнесените барања: имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, почнување постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно доброволна регистрација во прва фаза на контроли за оние кои нерегистрирано работат, а со тоа и нивен влез во системот на обврски, како и во втората фаза, доколку во првата субјектите одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона, да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби и кривични санкции, со што би се обиделе институциите да ги спречат нелегалните текови на пари.

-Вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање фирма, се повеќе од 50 отсто поконкурентни на пазарот од регистрираните компании зашто не придонесуваат со обврска за плаќање ДДВ и придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување. Тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа. Со тоа, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење, наведува ССК.

Според Сојузот, сузбивањето на неформалната економија во земјава која изнесува над 30 проценти од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор. Со моменталните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ.

-Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот. За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои им превземаат се поголем дел од потрошувачите, смета ССК.

Додава и дека во услови на најави на регистрирани субјекти за прибегнување во неформалната зона, неопходно е да се релаксираат субјектите кои регистрирано работат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона.

-Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми, со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни. Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона. Механизми за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е почнување со континуирано делување по пријави за нерегистрирани субјекти, но и јавно истакнување на оние кои ќе добијат глоба за тоа, потенцира Сојузот.

Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5 отсто или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 процента, Хрватска со 48,2, Албанија со 40,2, Србија со 37,5 и Словенија со 26,5 отсто. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *