„Креатори за столетијата“ – постхумно признание за Иво Лауренчиќ

Иво Лауренчиќ – основоположникот на современата македонска креативна и маркетинг индустрија, постхумно е добитник на специјалното признание „Креатори за столетијата“ за особен придонес во промоцијата на претприемништвото во Централна и Југоисточна Европа. Наградата беше доделена на Самитот на претприемачите од регионот „300 Најдобри“ кој викендот се одржа во Дубровник.

За доделувањето на наградата одлучува меѓународен комитет од 13 членови, составен од независни експерти од областа на економијата, менаџментот, маркетингот и претприемништвото од: Хрватска, Словенија, Србија, БиХ, Македонија, Германија, Австрија и Швајцарија. Процесот на селекција на добитниците на награди и признанија трае 20 месеци.

Иво Лауренчиќ е еден од најпознатите експерти за маркетинг-комуникации во регионот. Роден е во Шибеник, а целиот свој живот го помина во Белград и Скопје. Во својата богата професионална кариера создаде над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија, како и креативни и макретинг-кампањи за некои од најпознатите домашни и светски брендови и компании.

Меѓу останатите проекти, Лауренчиќ е креатор и на првиот промотивен филм за туристичките потенцијали на земјата – „Ден во Македонија“, како и на серијалот од 1.060 емисии „Говорете македонски“. Беше и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица постојам“, а воедно со неговиот потпис беа и првите професионални политички кампањи во Македонија и регионот.

-Искуствата од политичкиот маркетинг, заедно со неговиот тим на соработници, го преточи во книгата „Потрага по глас“, превeдна на српски и на македонски јазик, со каталогизација во конгресната библиотека во Вашинтон. Сакајќи да ги поттикне и другите уметници и креативци да создаваат свои сопствени дела ја режираше култната театарска претстава „Кутрите мали хрчки“, како и серијата „Од денес за утре“ која се емитуваше во Македонија во 16 епизоди, соопшти „Идеа плус“ – првата макертинг-агенција во независна Македонија која ја основаше токму Лауренчиќ.

Во негова чест, во 2014 година е формирано „Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, чија цел е поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *