Министерството за финансии изработи софтвер во кој сите буџетски корисници ќе мора да ги пополнуваат своите неплатени обврски. На овој начин ќе се има постојан увид на обврските во реално време. Законот кој го овозможува ова е веќе изготвен, најави Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во интервју за МТВ.
Тевдовски вели дека околу 360 милиони евра неплатени, но скриени обврски од страна на јавните институции кои ги наследиле е сериозна големина натрупани обврски ако се има во предвид дека дефицитот на Македонија е околу 300 милиони евра.
– Втора работа што е многу важна е дека ние успеавме за кратко време дел од тие обврски да ги исплатиме. На пример, за Филхармонијата која беше помпезно отворена практично имаше неплатени сериозни долгови останати од претходната власт. Ние тие долгови успеавме во најголем дел да ги исплатиме, вели тој во интервјуто.
Тевдовски потенцира дека отворањето на транспаретноста е клучен чекор бидејќи со ова јавноста ќе има увид во трошењето на парите и ќе може да прави притисок ако некој не ги троши парите како што треба.
– Јас лично мислам дека транспарентноста и тоа силното отворање на транспарентноста е првиот чекор во нормализација и стабилизација на состојбите во Македонија. Не само во економијата, туку и воопшто, смета тој.
Во однос на проектираниот раст на економијата од 3,2 проценти за годинава Тевдовски вели дека е реален.
– Стабилизирањето на политичката состојба заедно со враќањето на довербата на инвеститорите треба да придонесе до зголемување на приватните инвестиции. Тоа е она што недостигаше претходните години за ова да се овозможи. За прв пат во Буџетот има сериозна поддршка пред се за домашните претпријатија покрај за странските. Поддршката вклучува поддршка за инвестиции, за отворање на нови работни места. Ова е едниот агол, вториот е, за да го вратиме кредибилитетот и довербата кај инвеститорите МФ многу силно работеше на транспарентноста, објаснува Тевдовски.
Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции кои годинава во буџетот изнесуваат 400 милиони евра, Тевдовски вели дека Министерството за финансии ќе прави силен притисок капиталните инвестиции да бидат реализирани бидејќи тоа ќе ја движи економијата.