Плакети и благодарници за прилепските крводарители

Триесеттина прилепски крводарители кои ја дарувале најдрагоцената течност 25, 50, 75 и 100-ина пати, денеска од градот Прилеп добија плакети и благодарници за својата несебичност и огромна хуманост со што општината го одбележа и 17 март,  Денот на крводарителството.

Пеце Илиоски, автомеханичар, кој досега дарувал крв рекордни 104 пати вели дека хуманоста е традиција во семејството зашто ги следел стапките на своите родители.

– Традицијата на дарување крв во семејството е од родителите кои имаат дарувано по 60, 70 пати, а брат ми има веќе 20-ина дарувања крв. Дарувам крв барем четири пати годишно и досега сум дарувал 104 пати. Развиено е крводарителството кај нас. Има доста млади кои даруваат крв. Даруваме за да спасиме нечиј живот, тоа е и пораката, да се дарува крв, вели скромниот хуман човек Пеце Илиоски.

Живко Ангелески, вработен во полицијата има дарувано крв 78 пати.

-Првите чекори во крводарителството се од гимназиските денови, уште од 1980 година, па до ден денес. Дарувањето крв нѐ прави да бидеме побогати зашто спасуваме нечиј живот. Им порачувам на младите да се приклучат во оваа хумана крводарителска акција, зашто оваа хуманост не може со ништо да се доплати. Ќе дарувам додека ме служи здравјето.

Тони Тодороски од Основниот суд од Прилеп е крводарител над 80 пати.

-Ми се чини дека е голем бројот на крводарители во Македонија, а се буди свеста за хуманост кај младите генерации.

Прилепчанката Јованка Дундеска која дарувала крв 50-ина пати вели дека не треба да им се скратуваат бенефициите на крводарителите.

-Крводарители има доволно и мажи и жени. Дарувањето крв се враќа со добро. Но на крводарителите не треба да им се скратуваат бенефиците, зашто освен при општ преглед немаат други предности, а загубени се при стоматолошките прегледи. Чест е да се дарува крв и тоа ќе го правам додека можам, вели Дундеска.

Во Прилеп се околу 3000 крводарители и годишно се даруваат околу 2000 единици крв.

– Нека овие крводарители бидат поттик и мотивација за нови дарувања крв. Годишно во Прилеп се даруваат околу 2000 единици крв. Сега планот е исполнет со 98 отсто и секогаш е добредојдено дарувањето крв, рече Далибор Димоски, волонтер во прилепскиот „Црвен крст“.

Прилепскиот градоначалник Илија Димоски на крводарителите им ги врачи плакетите и благораниците посакувајќи им здравје и благодарејќи им на хуманоста.

– Прилеп може да се пофали со хуманоста. Бројот на крводарителите расте и огромен е придонесот за заедницата на хуманите крводарители, рече Јованоски.