Од патувањето од Битола до Преспа

 

Нашето патување беше од Битола кон манастирот „Света Мала Богородица“ во Сливница, Преспа. Откако го преминавме превојот  Ѓавато, како на дланка видовме дел од Преспанската Котлина. На прв поглед ни падна в очи Ресен, општествено-политичкиот и културниот центар на Преспа. Се гледаа од далеку неколкуте фабрички оџаци во градот, од кои во минатото чадот како долга кадела пливаше по чистиот воздух на Преспа.

Исто така, впечатливи се црвените покриви на новите куќи, што како печурки никнат на сите страни во Ресен. Посебно глетката се збогатува со куќите што го поврзуваат селото Јанковец со Ресен. Од далечина, Јанковец изгледа како низа тутун што виси над патот за селото Кривени, а Златари и Избишта се скриле во густата шума и јаболковите насади.

Многу посетители на Преспа велат дека најубаво да се биде таму е во пролет. Тогаш длабоко се чувствува свежиот воздух што доаѓа од високите букови и борови шуми на Баба и Бигла Планина. Секој патник би сакал да се одмори во овој планински дел, да вдише чист воздух, да се восхитува на убавината и на природата и да ја почувствува свежината на Преспа.

Се спуштавме по патот што како змија вијуга низ густата шума и негде-годе покрај зелените ливади. Оттука во далечината се гледа дел од Преспанското Езеро. Човек кој не бил порано во Преспа, ќе помисли дека природата си поиграла со минатото и направила еден половичен круг меѓу планините и истата подоцна ја исполнила со вода. Од северната страна на тој дел од езерото се забележуваат непрегледни плантажи со јаболка, а од западната страна – надвиснала Галичица која со својата природна убавина ја дополнува езерската привлечност.

vb2

Од месноста Макази, од каде што се делат патиштата за Ресен, од десната страна, за Горна Бела Црква, Подмочани, Грнчари, Рајца, Асамати и Претор, од левата и третиот кој води право кон Отешево и Царина, автомобилот како да пропадна во непроодна шума. Таа џунгла ја создал вредниот човек на Преспа. Од двете страни на патот од кај селата Козјак и Долна Бела Црква се гледаат овошни насади, прецизно наредни во должина и ширина.

Подзастанавме на кривината пред селото Царев Двор. Уште во влезот на селото се гледаат нови куќи, заградени со ниски бетонски и железни огради, а во дворовите убави цвеќиња. Во селото има и многу стари куќи кои со својата архитектура зборуваат за неговата бурна историја, за печалбарството, за минатото…

Ha излезот од Царев Двор, од десната страна на реката, се гледа зградата на Централното основно училиште „Браќа Миладиновци”, а веднаш зад училиштето, во продолжение на патот, започувна редица од нови куќи на селото Дрмени. И Дрмени е едно од печалбарските села на Преспа. Овдешните селани велат дека царевдворчани и дрменчани можат да се сретнат на сите континенти во светот. Но, тие во срцата секогаш го носат родниот крај – Преспа. Затоа многумина печалбари се вратиле тука – во својата родна грутка да изградат нови, убави и високи куќи.

По десетина минути, се приближи кон Перово, Покрвеник и Сирхан – нова крајбрежна населба во која на ридот можат да се видат различните градителски достигнувања на македонската архитектура во повоениот период. Тука, езерскиот брег е на оддалеченост од асфалтниот пат само неколку метри. Тој е покриен со ситен песок, кој одвреме-навреме се мие со чистата езерска вода. На овој дел од езерскиот брег може јасно да се забележи промената на езерското ниво на водата кое се менува повремено, во зависност од временските прилики и годишните времиња.

Песокливите плажи од кај рибарското стопанство „Сирхан” се простираат кон Отешево, најпознатото летувалиште на Преспанското Езеро и првата туристичка населба што во Преспа е изградена по војната. Беше составено е од многу вили и хотели кои се протегаат долж езерскиот брег, скриени во густата дабова шума.

vb3

Отешево

Прошетката со брод по Преспанското Езеро е посебно доживување, задоволство, одмор… А, ние имавме прилика да направиме прошетка по ова убаво и интересно езеро. Бродот беше преполн со гости, кои со нетрпение чекаа да се најдат на пространата езерска шир. Забоботија моторите на бродот а перките веднаш почнаа да ја сечат водата пред пристаништето во Отешево, со насока кон Царина. Езерото како да спиеше кон средината на заливот, а само негде-годе кон селото Стење се гледаа мали бранови, предизвикани од тивкиот ветер што доаѓаше од кај Галичица.

Рибарите велат дека заливот кај Царина и Стење е „заветарничав”, така што во трската покрај брегот може да се уловат поголеми примероци: мрена, скобус или крап, кој е највкусна слатководна риба, а чија популација, за жал, се намалува.

По одминувањето на заливот, се стигнува до месноста Казан каде, веројатно поради големата длабочина на Езерото, професионалните рибари ги полнат своите кајчиња со преспански риби. Езерскиот брег тука е стрмен и негде-годе со широки плажи покриени со ситен песок, а другите места се напластени со големи карпи што стрмно се спуштаат и се губат во езерската длабочина. Овој дел на Преспа е рајот на пеликаните кои гордо пливаат по езерската шир – далеку од човековата неправда.

На југ од Казан сместено е селото Коњско, можеби најубавото село на тој дел од брегот. Тоа е типично македонско рибарско село со куќи долж брегот. Селаните од Коњско ја гледаат својата перспектива, како и напредокот на селото и на тој крај, во асфалтирањето на патот што води од Стење до нивното село и изградбата на новата населба од вили.

Недалеку од Коњско кон селото Нивици, кое се наоѓа во егејскиот дел на Македонија, е островот Голем Град, најголемиот езерски остров во нашата земја. Бујната вегетација и густата шума го прават Островот егзотичен, кој потсетува на заборавен тропски предел. Според народните преданија, Островот бил дворец на првиот македонски цар Самуил, кој по напорните борби доаѓал да се одмара тука.

vb4

Дел од Долна Преспа

Од Островот, посетителот може да види три држави, зашто граничната тромеѓа што ја кроеле Големите сили се наоѓа во непосредна близина. Тука, над сината и бистра вода, уште од Првата светска војна го спуштиле белото буре што треба да потсетува на безмилосното касапење на Македонија.

И секој би се запрашал што се друго се крие во бистрата вода што co векови ги рони бреговите на Галичица и на Иван Планина, за да навлезе во нивните карсни предели и да се појави кај Свети Наум или Подградец. Од Островот се гледаат многу преспански села во Албанија, како и Нивици на јужниот преспански брег од Грција, прочуено надалеку по вкусната белвица што ја ловат дури и жените нивичанки.

Кога бродот сврте кон исток, паралелно со граничната линија во правец на Маркова Нога, Нивици се скри зад Р’тот, a ce појави заливот кон југ кој се стеснува кај „мостот” Перово, каде водите од Мала Преспа се влеваат во големото Преспанско Езеро. Во далечината се гледа островот Ахил како да се споил со селото Винени. Граничната линија од бели буриња не ни дозволи да се восхитуваме на тоа историско место и на убавината на Долна Преспа.

Од далечина, како нанижани долж езерскиот брег се гледаат селата Оровник, Папли, а во линија кон Маркова Нога продолжуваат: Рудари, Штрково, Медово и Раби. На исток од Раби се наоѓа селото Герман, село свидетел на македонската историја. Тука е најден најстариот мекедонски споменик, спомен-плочата од цар Самуил на своите родители.

Продолжува

Пишуваат:Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ иСЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *