Лагуенс: Политичарите да го стават ветеринарството високо на агендата

Ветеринарната медицина е дел од концептот на национално, но и на меѓународно јавно добро. Тоа политичарите мора да го сфатат. Мора да соработуваат, да го стават ветеринарството високо на агендата, да ги направат ветеринарните услуги и лекови достапни за сите. Ако животните се здрави, здрави ќе бидат и луѓето. Здраво животно подразбира здрави граѓани, здраво население, порачува претседателот на Европската федерација на ветеринари (ФВЕ), Рафаел Лагуенс.

Лагуенс, кој минатата недела беше во работна посета на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, во интервју за МИА зборува за употребата на антибиотиците, проблемот со кучињата скитници, високите даноци за ветеринарните услуги и лекови…

Господине Лагуенс, ветеринарната струка кај нас како да е маргинализирана. За благосостојба на животните речиси никој не слушнал, освен, веројатно, луѓето од фелата. Каква е перцепцијата за ветеринарното здравство во земјите од Европа? На кое ниво е свеста кај луѓето генерално, за превенција, лекување, па и спречување на анималните болести и што е со политичарите ако се земе предвид дека тие ги носат клучните одлуки? Колку тие ја сфаќаат „тежината“ на ветеринарството?

Исто како лекарите од хуманата медицина или стоматолозите, и ветеринарите се дел од т.н. здравствена професија. И ние имаме работа со здравјето. Не само со здравјето на животните.

Луѓето постојано го консумираат она што два пати дневно проаѓа низ нашите раце, низ нашата контрола. Оттука, ако животните се здрави, здрави ќе бидат и луѓето. Здраво животно подразбира здрави граѓани, здраво население. Тоа политичарите мора да го разберат.

Ако се работи за меѓународно јавно здравје, тогаш политичарите треба да бидат свесни колку е всушност вредна и од колкаво значење е ветеринарната струка.

Според Светската организација за заштита на животните (ОИЕ), ветеринарно-здравствените услуги се сметаат за меѓународно јавно добро. Сите активности и обврски што ветеринарите ги имаат се важни не само на национално, туку и на глобално ниво, со оглед дека земјите постојано вршат размена на анимални продукти.

Би сакал да нагласам и дека ветеринарната струка не е важна само сега, за денешните генерации, туку и за идните.

Даноците на ветеринарните услуги и ветеринарно-медицинските препарати (лековите) во некои земји имаат повластена даночна стапка, a во некои сè уште се високи. Тоа ги прави поскапи, за некого дури и недостапни. Кај нас данокот на додадена вредност (ДДВ) изнесува 18 отсто, иако ветеринарните лекари одамна укажуваат дека треба да се намали на пет проценти. Колку ова се одразува врз потребната редовна нега на животните независно дали се работи за добиток или миленици?

Граѓаните мора да имаат поевтин пристап до ветеринарните услуги, а не на тоа да гледаат како финансиски товар што бара многу пари. Ветеринарните услуги не смеат да бидат комерцијални, ниту некој треба така да ги перципира. Напротив, мора да бидат достапни за секој што чува животни.

Даноците за ветеринарните лекови и услуги треба да бидат ниски зашто само на тој начин сопствениците на животни редовно ќе ги користат.

Да им овозможиш на луѓето да работат, да се борат за поздрава храна, поздрав живот – да не се шират болести. Тоа е јавно добро.

И овој домен е поврзан со политичарите зашто тие ги носат одлуките. Политичарите мора да ги сфатат улогата и значењето на ветеринарната професија и соодветно ја третираат, на ист начин како и хуманата медицина. Соодветно на тоа и даночната политика треба да има ист третман и за хуманото и за ветеринарното здравство, зашто и двете имаат иста мисија – заштита на јавното здравје.

Политичарите мора да сфатат дека не треба да стават високи даноци на ветеринарните услуги. Ако треба да платите високи даноци, тешко ќе ја одржите фармата. Многу фарми исчезнуваат токму поради високата цена што треба да се плати за вообичаените ветеринарни прегледи, услуги, третмани. За да се спречи тоа, не смее да ги „товарите“ фармерите, да им наплаќате скапо за услугите.

Сите наши комори се борат за намалување на даноците и тоа е сериозен, комплексен процес – да се преговара со политичарите. Би нагласил дека сите сме во тој процес на разговори со политичарите.

Освен здравствениот, и практичниот придонес е многу јасен – на фармерите ќе им биде поевтин производот ако добиваат поевтина услуга од ветеринарите, а граѓаните ќе го имаат крајниот бенефит.

И уште еднаш, намалувањето на даноците за ветеринарно-здравствените услуги значи можност за оние што чуваат фармски животни или миленици, соодветно и навремено да ги вакцинираат, контролираат, следат, третираат и лекуваат, а здрави животни подразбираат здраво население.

Употребата на антибиотици е актуелно прашање што не ја засега само хуманата медицина. Сè почесто се отвора и во однос на лекувањето на животните. Се смета дека тие се „клукаат“ со антибиотици кои потоа, преку месото и млекото (храната) се внесуваат во организмот на човекот и во крајна линија се предизвикува антимикробна отпорност…

Антибиотиците се битни не само за луѓето, туку и за животните. Кога фармските животни се болни, треба соодветно да се третираат, да се лекуваат со антибиотици, но строго по рецепт што го издава ветеринар. Ветеринарот проценува дали на животното треба да му се даде антибиотик или не.

Антибиотиците мора многу внимателно да се употребуваат. Многу е важно употребата да се редуцира, но за тоа треба да се биде многу внимателен. Не смее да се употребува антибиотик без причина. Антибиотик се дава само кога е потребно и во ниту еден друг случај. Во оваа смисла пристапот е ист, независно дали го препишуваат хумани лекари, стоматолози или ветеринарни лекари.

Некогаш нè обвинуваат дека даваме пречесто антибиотици. Но, не е така. Антибиотиците мора да се користат на најдобар можен начин. Така ги учиме и идните ветеринари.

Во овој контекст е битно да се нагласи колку е значајна контролата на отпорноста кон антибиотици. Треба да се прават тестови на резистентност, дали микроорганизмите се отпорни на овој или оној антибиотик. Ако користите помалку антибиотици, ќе имате помалку микробна отпорност.

Од друга страна, треба да се контролира употребата на антибиотиците и во никој случај да не се дозволи достапност и апликација од страна на нестручни и неовластени лица. Во некои земји има бази на податоци со препишани и дадени антибиотици на конкретни фарми, во конкретни места, подрачја, региони. Точно се знае кој антибиотик на кое животно за што и како е даден (ординиран). Тоа е многу важно за следливост на антибиотиците.

Има голема разлика во употребата на антибиотици меѓу нордиските, северни и јужните земји. Финска, Норвешка, па и Германија од поодамна во својата политичка агенда го имаат вклучено и ова прашање, на третирање со антибиотици. Ако одите во германскиот парламент, ќе видите дека таму се дебатира за ова. Се печатат и артикли на оваа тема. Луѓето се информираат, свеста е на високо ниво. Тие ги имаат редуцирано антибиотиците, а со тоа е намалена и микробната отпорност. Всушност, паралелно со хуманата, тоа се прави и во ветеринарната медицина.

Се чини, никако да се справиме со кучињата скитници. Што, во оваа смисла, би била Вашата препорака?

Состојбата со кучињата скитници е сè уште проблем, посебно на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Но во светски рамки тренд е вдомување улични кучиња, а не купување расни, скапи, за многу високи суми.

Тука повторно се отвора прашањето на достапноста на ветеринарните услуги зашто ако вдомите куче, треба ли и тоа да биде здраво? Редовно да оди на „лекар“?

Точно, има многу луѓе кои чуваат кучиња и ги сметаат за дел од семејството, но исто така е факт дека кучиња сè уште има по улиците, без контрола. Ова е многу битно од аспект на здравјето на населението, околината. Поради тоа, мора да се стави на агендата на политичарите.

Кои анимални болести во моментов се закана за европскиот континент?

Во овој момент, тоа е „американската свинска чума“. Болеста првпат се појави во Грузија, во 2007 година. Но, не обрнавме многу внимание. Мислевме дека е далеку. Малку по малку, болеста се приближуваше. Дополнително и поради недостигот на комуникација и различните стандарди и пристапи во земјите. Лани дојде во Белгија.

Многу се битни и т.н. биосигурносни мерки, кои подразбираат подигнување на бариерите на многу високо ниво за „африканската свинска чума“ да не продре на нашите фарми. Всушност, ваквите мерки треба да се воспостават на ниво на фарми.

Една од главните препораки на Брисел е дека особено дивата популација свињи во Европа треба да се контролира. Мора да се внимава болеста од дивите свињи да не премине на фармите. Неопходно е и постојано да се прават контроли, да се спроведуваат стандардните мерки на заштита. Се залагаме и за истражувања за евентуално откривање и производство на соодветна вакцина и вакцинирање на свињите против оваа болест.

Во овој контекст би нагласил дека меѓународната соработка е многу важна. Не смееме да бидеме егоистични, да мислиме „ние сме најдобри“ кога зборуваме за справувањето со болестите. Мора да комуницираме, да соработуваме. Во таа насока е и мојата посета на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, да дадам поддршка во проактивната улога што оваа институција ја има во соработката со коморите од регионот и Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *