ТИ: Владата не го почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Владата не го почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и одбива да постапи по решение на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер
Транспаренси Интернешнл Македонија бара Претседателот на Владата г-дин Зоран Заев да преземе мерки за одговорност на Генералниот секретар на Владата поради постапување спротивно на Закон, а бараната информација да нѝ биде доставена
15.03.2019 Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИ-М) на ден 13.06.2018 година испрати Барање за пристап до информации од јавен карактер до Генералниот секретаријат на Владата на Р.С. Ммакедонија во врска со издадено полномошно, со кое Владата ја ополномоштува адвокатската куќа White & Case LLP од Њујорк, да поднесе претставка против Транспаренси Интернешнл Македонија пред Секретаријатот на Транспаренси Интернешнл во Берлин.
Инаку, адвокатската куќа White & Case LLP од Њујорк е застапник на Р.С. Македонија во постапка пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови во Вашингтон, Д.Ц (ИЦСИД Случај бр. АРБ/17/46).
Генералниот секретаријат на Владата на ден 13.07.2018 година донесе Решение со кое го одби Барањето за пристап до информации од јавен карактер поради тоа што бараната информација претставувала информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, чие давање би имало штетни последици за текот на постапката, повикувајќи се на член 6, став 1, точка 5 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и член 26, став 1 од истиот закон како причина за одбивање на барањето.
ТИ – М на ден 23.07.2018 година поднесе Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата на ден 04.03.2019 донесе Решение со кое Барањетона ТИ – М до Генералниот секретаријат на Владата на Р.С.М се УВАЖУВА, а Решението од Генералниот секретаријат на Владата со кое барањето е одбиено, се ПОНИШТУВА, а се задолжува Генералниот секретаријат на Владата да ги достави бараните информации во рок од 15 дена од денот на доставувањето на Решението.
Наместо бараната информација, ТИ – М на 14.03.2019 година доби повторен, спротивен на Законот одговор од Генералниот секретаријат на Владата, со кој пристапот до бараната информација се ОДБИВА и покрај тоа што Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер ја уважи Жалбата на Транспаренси Интернешнл – Македонија, а првичното Решение на Владата се ПОНИШТУВА.
Со оглед на тоа дека Генералниот секретаријат на Владата постапува спротивно на закон и спротивно на решението на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Транспаренси Интернешнл Македонија ќе се обрати лично до Премиерот на Владата на Република Северна Македонија и ќе побара согласно заложбите за транспарентност и законитост во работењето на Владата, да го разгледа постапувањето, да преземе мерки за одговорност на Генералниот секретар на Владата на Р.С. Македонија, а информацијата да нѝ биде доставена.
Претседател, Транспаренси Интернешнл – Македонија
Д-р Слаѓана Тасева

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *