Мицотакис: „Тркачот“ не си оди од Атина, владата ќе си замине со одлука на народот

Лошите последици од Договорот од Преспа, од штетни стигнуваат до смешни, вели лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, коментирајќи ја дискусијата што се отвори во Грција за наводна размена на споменици, односно како што рече, „за наводна размена на споменик – симбол што воопшто не ѝ припаѓа на државата, туку на Општина Атина, со некој кич споменик на Александар Велики, доказ на фалсификувањето на историјата“.

-Некои сакаа да донесеме и да поставиме на местото на „Тркач“, споменик што го симболизира скопскиот иредентизам. Им велиме јасно: „Тркачот“ не оди никаде. Тие многу брзо ќе го фатат патот од власта, со ваша одлука, со пресуда од грчкиот народ, рече Мицотакис.

Претседателот на Нова демократија, во неговиот говор од грчкиот остров Лезбос, каде што беше во еднодневна посета, се осврна на Договорот од Преспа и ги повтори неговите и позициите на неговата партија, дека Ципрас прифатил македонски јазик, македонски идентитет, „во суштина прифати македонска националност, македонска култура“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ја отстапи ексклузивната употреба на македонското, на македонскиот идентитет на нашите соседи, создавајќи не само многу проблеми во Северна Грција, туку во исто време брутално навредувајќи ги 70 отсто од нашите сограѓани кои се против договорот. Ние, кои, основано, не се согласуваме со Договорот од Преспа не сме нити радикални десничари, ниту националисти. Ние сме патриоти кои ја сакаме татковината, ја знаеме и ја почитуваме нашата историја и знаеме многу добро кога еден договор е во корист на националните интереси, а кога им штети, порача Мицотакис од Лезбос.

На партискиот собир на грчкиот остров, лидерот на Нова демократија Договорот од Преспа го спомена заедно со уште три други работи, кои, во негативен контекст, ќе останат запаметени од четиригодишното владеење на Ципрас и Каменос, заедно со даноците, формираната клима на поделба во општеството и ветувањата што не си ги задржа дека ќе ги скине меморандумите.

-Оваа 2019 е година на избори, година кога конечно ќе ставиме крај на најлошата влада по падот на хунтата. Година кога ќе испратиме голема порака за политичка промена. Година кога грчките граѓани судбината на земјата, повторно ќе ѝ ја доверат на Нова демократија, порача лидерот на најголемата грчка опозициска партија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *