Традиции за „Тримир“ и голема хуманост

Богата и долга традиција на чествување на денешниот празник Тримир на почетокот на Велигденските пости во Прилеп. Прилепското здружение „Преродба“ долго ги негува и ги одржува традициите и обичаите што се пренесуваат од генерација на генерација. Здружението го одбележува Тримир, денот посебен за младите невести, девојките, мајките и за свекрвите, но денеска продолжува и голема хумана акција на дарување за семејството на прилепскиот бранител Драган Спасоски.

Објаснувајќи ја традицијата, Љубица Трајкоска од здружението „Преродба“ вели дека ова е посебен ден за младите невести и девојки кои одат на посна трпеза кај мајките.

– Овој ден е посебен за жените, невестите, за мајките, за свекрвите. Традицијата продолжува од генерација со генерација. Некои си држат Тримир што трае три дена. Денеска се оди в црква каде од свештениците се добива благослов, крстена вода, нафора. Потоа младите невести, ќерките одат кај своите мајки. Постите си продолжуваат до Велигден. Тримирот значи духовно и телесно испостување. Духовното постење е посебно. Потребно е да си чист во душата за да почнеш да постиш, објаснува Трајкоска.

Прилепчанката Цвета Рунеска објаснува дека мајките ги наградуваат ќерките за постењето.

– Младите невести одат кај мајките. Мајката, како награда што ќерката го издржала тримирот-постењето и приготвува посна трпеза, како зелник, грав, сарма, пченица, овошје. За да биде поголема свеченоста, мајката ја поканува свекрвата која во придружба на неколку жени оди на гости. Носи подароци: боза, кравајче и баклава. И се знае – со убава трпеза е и весела дружбата, вели Рунеска.

Менче Пејоска објаснува дека Прилеп има посебен и единствен специјалитет- бела пченица. Се прави од памтивек.

– Кога бевме деца, мајка ми почнуваше со подготовките, прво накиснувајќи ја пченицата одвечер. Изутрината се цеди, потоа се толчи и пченицата се става да се исуши. Лушпите се отстрануваат, а другото се вари. Се толчат и конопните зрна, се цедат детално додека не бидат бели. Сѐ се меша и ова е специјалитет само во Прилеп, објаснува Пејоска.

Годинава посната трпеза на здружението „Преродба“ е поскромна, но со богата хуманост.  Му даруваа пари, а вторпат сега и храна на семејството на прилепскиот бранител Драган Спасоски кој живее во крајно лоши услови. Поради влошената здравствена состојба, деновиве му е ампутирана и ногата.

– Годинава тримирската трпеза е поскромна. Одлучивме да му донираме пари на семејството на прилепскиот бранител Драган Спасески на кого пред два дена му беше ампутирана ногата. По овој настан, ќе одиме кај семејството Спасески за да донираме храна, што беше направено и минатата недела. А многу му треба на семејството. Живее во мизерни услови без вода, без можност да набави храна. Многу е тешка ситуацијата, вели Лиле Ацеска од прилепското здружение „Преродба“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *