Германска финансиска помош за Крушево

Крушево ја доби финансиската поддршка на амбасадата на Сојузна Република Германија за подобрување на техничката опременост на јавното комунално претпријатие.  Градот ќе набави трактор со приклучна механизација за одржување на јавната чистота, но, што е многу важно, и за зимското одржување на улиците. Деновиве во просториите на амбасадата во Скопје е потпишан договорот за набавка на тракторот со приклучната механизација во вредност од 657.429 денари, информираат од локалната самоуправа.

Договорот го потпишаа германскиот амбасадор Томас Герберих, крушевскиот градоначалник Томе Христоски и директорот на јавното претпријатие „Комуна“ Наум Илиески. Според Христоски, општината ќе учествува со свои средства и откако ќе завршат административните работи, се очекува веќе наредниот месец опремата да биде набавена.

– Во реализацијата на проектот „Набавка на трактор со приклучна механизација“ општината и јавното комунално претпријатие ќе учествуваат со свои финансиски средства во износ од 314. 571 денари, поединечно секоја од институциите. Имплементацијата на овој проект ќе овозможи подобра техничка опременост на јавното комунално претпријатие, посебно,  за зимското одржување на улиците во Крушево за  унапредување на животот на населението и условите за стопанисување на правните субјекти, како и за подобрување на условите за развој на туризмот во Крушево како растечка туристичка дестинација, рече Христоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *