ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – КРАЛИЦАТА НА РОМСКАТА ПЕСНА (13)
Во овој дел ќе се обидеме да доближиме дел од стилот на живеењето што го имаше Есма Реџепова –Теодосиевска како национален уметник.
Така, покрај пеењето слабост ѝ беа марамите, шапките, чевлите и чантите.
Ги имаше од многу земји, а марамите ѝ беа омилен симбол од сите модни детали
Есма Реџепова-Теодосиевска, Кралицата на ромската песна ни изјави дека стилот на облекувањето ѝ беше во генот. Во изминатите години, со Ансамблот „Теодосиевски“ таа беше чест и многу почитуван гостин во најелитните светски музички простори. Од 1995 година, пак, до нејзината смрт во 2016 година Есма живееше на Кале во „Домот на хуманоста и Музејот на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“ .
Во својата 55-годишна музичка кариера, не само со својот глас, туку и со сопствениот стил, непосредност, искреност и срдечност ги освојуваше срцата на сите свои обожаватели и голем број пријатели во светот. Во ова пригода ќе се обидеме да доближиме дел од стилот на живеењето што го имаше Есма Реџепова–Теодосиевска како национален уметник.
Затоа се обративме до претседателот на Здружението „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ Зорана Костовска, која во исто време беше организатор на модните ревии на Есма Реџепова – Теодосиевска. Таа ни ги пренесе кажувањата за стилот на живеењето и облекувањето на Кралицата на ромската песна Есма Реџепова–Теодосиевска. Меѓу другото, Есма го изјави следното:
Есма со девојче
Елена Лука
1.Покрај пеењето слабост ѝ беа марамите, шапките, чевлите и чантите. Ги имаше од многу земји. Марамите ѝ беа симбол од сите модни детали. Носеше најмногу црни марами. Имаше шапки кои секогаш ги носеше само со одредена комбинација и тоа пред сè со бундите. Накит носеше отсекогаш, при што обетките не сакаше да се многу долги, а за концерти ги земаше оние што одговараа со гардеробата.
Постојано го носеше златниот часовник на левата рака. На десната рака носеше некои златни белегзии. А околу вратот постојано носеше златно синџирче на кое висеше плочка со два дијаманта и беше изгравирано нејзиното име – Есма. Тоа беше подарок за нејзиниот роденден, 8 август од јувелирската работилница на Имер Пурелко во Чикаго.
2. Најновата гардероба ја избираше во боите на Македонија – црвена со златеста и тоа за шалварите, елекот, марамата и кошулата. Тоа беше нејзин стил за концертите каде носеше македонска носија, но, исто така, и ромска носија. На концерти носеше и барокни фустани, зошто настапуваше во театри и за тие простори гардеробата требаше да биде соодветна. Сета гардероба се совпаѓаше и со тоа што таа беше прогласена за Кралица на ромската песна. Најчесто купуваше алишта во пролет и есен. Не беше од оние жени кои често купуваат. Купуваше одеднаш што ѝ треба за една сезона.
3. Многу сакаше чевли. Уште од детството така ја научил татко ѝ. Тој бил чистач на чевли и бојадисување на чанти. Затоа многу внимавал на нив. Понекогаш знаел во чевларскиот дуќан, кој се наоѓал наспроти хотелот „Македонија“, да порача чевел за него, зошто бил инвалид, но и за мајка ѝ одеднаш четири пара чевли. Кај нејзините чевли биле застапени сите бои и сите нијанси на боите.
Видни дами во облеки на Есма
Каде и да отседнаше во хотелите на некои од европските метрополи, во нив си купуваше чевли, чанти и марами. Не секогаш чевлите ги комбинираше само со една комбинација, туку тоа беше во комбинација со соодветни марами или внимаваше на материјалот: змиска кожа, антилопа… На пазарите има многу убави модели. Во мода беа папучите, кои, исто така, ги имаше и почна да ги носам.
4. Имаше свој маникир, педикир и козметичар. Најчесто ја посетуваа еднаш во текот на неделата. Кога беше по турнеи често сакаше да оди во сауни. Не сакаше многу да се шминка, тоа го правеше исклучително за концерти. Речиси и не употребуваше кармин, за што често и беше прекорувана. Немаше потреба од употреба на некои кремови. Сето тоа се должеше на генот, поради што во фамилијата сите беа младолики. Само една масна помада ја користеше многу години. Кожата ѝ беше одлична и затоа што живееше уреден живот. Во нејзината исхрана до крајот на животот пиеше козјо млеко.
5. Едно време кога многу готвеше за децата, многу и консумираше храна. Кога беше во Скопје одеше на јадење во ресторани. А, понекогаш и самата си подготвуваше храна. Со децата, кога патуваше, одеше во рибни ресторани и јадеше риба, но и друга морска храна. Со кондицијата никогаш немаше проблем. Со години се навикна одлично да ги поминува солистичките концерти кои траеше од еден и пол час до два часа. Организмот ѝ беше навикнат на тоа темпо. Поради сето тоа немаше потреба од некоја фискултура.
6. Бојата на косата ѝ беше онаа нејзината, природната боја. Некогаш си ставаше по малку к‘на. Имаше фризерки во Скопје кои ја средуваа еднаш неделно. Често носеше марами и турбани на концертни настапи и затоа не мислеше на фризурата. Турбаните и марамите сама си ги правеше откако на тоа ја научила мајка ѝ. Тие ѝ беа многу практични на концертите, на кои кога ќе се испотеше и фризурата се растураше.
Есма со свои пријатели
7. Есма Реџепова-Теодосиевска, Кралицата на ромската песна им советуваше на жените да бидат што попрактични и поедноставни. Почедни да бидат жените, такви сакаат мажите. Меѓу почедните и послободните, мажите ќе одберат за животна сопатничка почедна жена.
Зорана Костова беше задолжена за хуманитарните модни ревии на креациите од Кралицата на ромската музика Есма Реџепова–Теодосиевска. Таа ни изјави дека фустаните на Есма на модните ревии ги носат дами кои не се професионални манекенки, но, сепак, нивните излегувања на пистата ја воодушевуваат публиката со невообичаените презентации. Така, во улога на манекенки учествуваа истакнати македонски госпоѓи, професорки, естрадни дами, фоторепортерки, членови на различни асоцијации и други пријателки и роднини на Есма.
Обично, на хуманитарните модни ревии се прикажуваа фустани и креации кои ги носеше нашата ѕвезда Есма Реџепова-Теодосиевска на настапи, концерти, патувања и церемонии. Меѓу нив на модната писта можеа да се видат фустани и други предмети кои ги носеше Есма – нашата дама со големо срце во текот на 55-годишната кариера.
На ревиите се презентираа и сарите кои ги носеше Есма Реџепова-Теодосиевска на средби со истакнати државни претставници или ги добила на подарок од истакнати личности. Меѓу нив треба да се одбележат сарите од Индира Ганди и некои од поранешните претседатели на Индија. Секоја креација, пак, беше проследена со сторија за настанот за кој била наменета.
Покрај ревијата, секако, свои настапи имаше, Есма Реџепова-Теодосиевска заедно со Ансамблот „Есма и Стево Теодосиевски“. Средствата собрани од вакви хуманитарни ревии обично се донираа на училишта, хендикепирани личности и други хуманитарни организации и асоцијации, ни изјави претседателот на Здружението „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ Зорана Костовска.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН