На патот од Корча до Завир

МАНАСТИРОТ „СВ. МАЛА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА – ПРЕСПА (33)

НА ПАТОТ ОД КОРЧА ДО ЗАВИР

Зa Мала Преспа во Албанија се оди преку Корча од каде се гледа плодното поле кое некогаш било познато како Бешичко Езеро, а од источната страна надвиснала Иван Планина, која се вишнее над Преспанското Езеро. Патот што води кон Мала Преспа се дели од делницата Корча-Билиште и свртува кон север. Тој е асфалтиран и патувањето од дваесетина километри навистина е интересно. Меѓутоа, е големо задоволство кога човек ќе пристигне под Иван Планина, над Мала Преспа, каде се наоѓала „единствената порта” и врска со светот за деветте македонски села.

Тргнавме да го посетиме селото Пустец. По каменливиот и стрмен пат среќаваме деца, мажи, жени, стари лица… Co сите се поздравуваме, си зборуваме преспански и им посакуваме добра работа на оние коишто работеа во полето. Селото Пустец, пак, се распространило долж ридот над самото Преспанско Езеро. Куќите се македонски, скромни, како и во многу преспански и други села. Во селото вриеше како во кошница. Цело село, а и многумина од соседните села излегоа да не пречекаат. Пред Културниот дом, кој во минатото бил селска црква со сите православни нишани, се сретнавме со многумина. Разговаравме за минатото, за сегашноста и за иднината на овој македонски народ, којшто го зачувал својот национален идентитет.

Сите зборуваат убав преспански говор, на училиште четири години се учи мајчиниот македонски јазик, имаат амбуланта, земјоделска задруга, киносала, културен дом, неколку колонијални продавници, рибарска задруга и нова Македонска православна црква. Но, најважно е што имаат чист македонски дух и верба во иднината.

kkПустец

Селото Пустец е една од поголемите населби во корчанскиот регион и најголемо македонско село во Албанија. Тоа е единствената Македонска општина во Албанија.Во Долна Преспа се пее, се игра, се тагува и се боледува на мајчин македонски јазик.

Во текот на престојот во селото Пустец, со бродче на рибарското стопанство, го посетивме островот Мал Град. Тоа беше вистинско возбудување и своевидна авантура. Таму, на прекрасниот и по многу нешта единствен остров на кој, според легендата, и таму живееле борците на цар Самуил, може да се почувствува сета убавина и питомина на Преспанското Езеро и Долна Преспа, која и припаѓа на македонскиот народ, a за жал e поделена на три држави.

Островот Мал Град којшто гордо и осамено се вишнее над езерската шир е место за предизвик. Во својата карпеста утроба ја сокрил црквата Свети Петар и Павле како споменик на патилата и на страдањето на македонскиот човек на тој простор. Од висината на островот се гледаат неколку пештерски цркви, меѓу кои црквата Света Богородица кај селото Нивици. Овие споменици зборуваат за културното наследство на Македонците кои, не по своја вина, останале поделени и распарчени.

Преспанското Езеро сме го виделе и од Долна Преспа, во егејскиот дел од Македонија, од Републиката, a co посетата на Мала Преспа во Албанија го видовме од неговите три страни. Овој споменик на природата, како водена маса и како дел од македонската убавина и судбина, како езеро е тивко, убаво и питомо, а е поделено како и македонскиот народ. А и со граници поделениот народ што живее на бреговите на ова езеро, ја има истата карактеристика на питомост, ист менталитет, јазик, култура и љубов кон татковината, но различна судбина.

За Преспа и за Преспанското Езеро постојат голем број народни преданија и легенди. Една од тие што се пренесува меѓу преспанчани, а и меѓу македонскиот народ е дека многу одамна, на островот што се наѓа среде Големото Езеро, во дворецот на македонскиот цар Самуил, живеела неговата најмила и најсаката ќерка Преспа (Преспана). За убавината и за мудроста на Преспа се зборувало надалеку, па и во византискиот дворец во Цариград.

kkkВизантискиот војвода Петраклис со голема војска навлегол во Македонија, наоѓајќи слаб отпор и користејќи ги предавствата на видни луѓе од државата, стигнал во областа на царскиот Самуилов дворец. Привлечен од убавата и богата царска наследничка, младата вита и убава Преспа, Петраклис ги испратил своите гласници во Самуиловиот дворец – ја барал Преспа за жена. Така, Византиецот се надевал дека со женењето со убавицата ќе добие поголем дел од Самуиловото богатство, па затоа чекал со нетрпение да се вратат неговите гласници.

На Петраклис му било јасно дека не смее да чека многу време, се плашел од Самуиловата војска. Затоа пак ги испратил своите гласници со наредба дека Преспа мора да се омажи за него.

Откако ги ислушала гласниците, мудрата девојка Преспа знаела дека повеќе не може да го залажува насилникот, па затоа му рекла дека ако сака господарот таа да се омажи за него, нека се повлече со војската веднаш и нека се врати од каде што дошол.

Додека навредениот освојувач брзал да ја казни непокорната девојка што се осмелила да го одбие, таа се дотерала во својата невестинска облека, се искачила на највисокиот дел од дворецот и пред туѓинецот да стигне да ја допре, скокнала во длабоката езерска вода. Петраклис видел кога нејзиното тело потонало во езерото.

Народот од околината на езерото во чест на саканата девојка Преспа, на езерото и на целата котлина го дал нејзиното име. Така, според легендата, настанало името на Преспанското Езеро и на Преспа.

Нашата посета на Мала Преспа ја продолживме кон другите села и тргнавме кон Шулин и други места. Меѓу другото, во Глобочани – во родното село на писателот Стерјо Спасе, застанавме на две-три места да се воодушевуваме на погледот кон Преспанското Езеро.

kkkkСпоменик на писателот Стерјо Спасе

Попат застанавме и покрај Завир – место во чија близина може да се види како Преспанското Езеро истекува во Охридското. За овој природен феномен зборуваат македонските и албанските стручњаци, но најречито говорат отворите низ кои водата истекува од едното во другото езеро.

Занемени пред природното чудо, се искачуваме на камењарот, кон карстните отвори во Завир. Ги видовме отворите во карстниот бедем на планината Галичица. Велат дека оној најголемиот до кој седевме и кој наликува на отвор на некоја пештера е и најголемиот истек воопшто во целото езеро. Во Преспанското Езеро, и на дното и во плитките делови на коритото, има повеќе отвори и поврзаноста, односно хидролошката врска помеѓу него и Охридското Езеро е докажана и научно со помош на методата на радиоактивни изотопи.

Глетката е навистина возбудувачка – малку подалеку се гледа еден помал отвор и се гледа како водата тече како еден голем, силен млаз, со голема брзина и со силен шум. На друго место се слуша звукот како да доаѓа од подземјето, сличен на оној што го предизвикува воз кога минува низ тунел.

Тоа е некој подземен одлив. Гледаме и мноштво мали вирчиња и свиоци од Преспанското Езеро кое тече и го напојува со својата вода Охридското Езеро. Поточно, со водата која тоа самото ја добива од малото Преспанско Езеро. Оваа прекрасна водена врска меѓу Малото и Големото Преспанско Езеро и Охридското, во Завир е највидлива и човека го заплиснува со вечното чудо на природата.

Мала Преспа со своите села и Преспанското Езеро е слика сама за себе. Без никакви влијанија, без никакви мешања однадвор, тука часовникот тукушто започнува да се движи нанапред, а сигурно бил сопрен педесетина години.

Продолжува

Пишуваат:

Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *