На средбата на децата прогонети од Егејска Македонија, Скопје во 1988 година

 

Потресните приказни за присилата на 28.000 деца, на возраст од 2 до 15 години, во 1948 година кога беа разделени од родителите, допреа до многу срца. Самите страдалници раскажуваа за патувањата до југословенската граница исцрпени, уплашени, гладни и жедни, многумина и болни. Од средбата во Скопје беше упатено барање до Атина и таа, како останатиот цивилизиран свет, да ги тргне рампите кои ги спушти за Македонците родени во Егејска Македонија. Да ги тргне разноразните методи на присила и закани и апсурдните изговори, само да не им биде дозволено на Македонците да појдат во своите родни места

Една од посетите на Лили и Стив Пљакас на Република Македонија беше во 1988 година, а поводот беше,  Првата светска средба на децата прогонети од родниот праг во Егејска Македонија во 1948 година.

Стив како претседател на организацијата „Обединети Македонци” од Торонто, заедно со Лили беа добредојдени и драги учесници на големата свеченост по повод јубилејот од голготата на македонските чеда од грчкиот режим. Всушнот, тоа беше ден на разделените и преживеаните. Кога од сите страни на светот пристигнаа сонародници кои како деца не биле поштедени од монархофашистичката суровост. Многумина од нив не се виделе никогаш повеќе откако заминале од своите родни места пред четириесет години и биле распрснати по белосветските дестинации на спасот и надежта. Секој  со својата судбина, секој со својата приказна.

ss1

sss1

Низ скопските улици, сали и музеи, во семејните кругови, во етерот на радиобрановите и на ТВ – програмите, насекаде допре гласот на вистината. Колку ли трогателни изјави можеа да се чујат, колку пораки беа испратени од македонските мајки, баби, синови, ќерки, татковци, дедовци и внуци, поради страшните последици од егзодусот. И по четириесет години останале длабоки траги на тага  и непребол во кревките души за изгубеното детство и младост, за проклетството на разделените.

Силен беше гласот на Македонците во осудата на сите зла од дискриминации, обесправеност, човекови и национални трагедии од теророт и геноцидот врз македонското население. Колку ли пати можеше да се слушне мислата и гневот – за каква ли колевка на демократијата би можело да се зборува за Грција, кога таа не ги почитувала ниту основните човекови и национални права кои ги гарантираат меѓународните конвенции, закони и декларации. Пред сè, законите на Обединетите нации, хелсиншките документи, европските стандарди и другите права.

Од средбата во Скопје беше упатено барање до Атина и таа, како останатиот цивилизиран свет, да ги тргне рампите кои ги спушти за Македонците родени во Егејска Македонија. Да ги тргне разноразните методи на присила и закани и апсурдните изговори, само да не им биде дозволено на Македонците да појдат во своите родни места. Да си ги посетат домовите ако не им се пеплосани и опустошени. Да запалат свеќи на вечните почивалишта на блиските и во храмовите, ако не се изгорени.

А дека продолжува дискриминаторското и нецивилизирано однесување од страна на режимите во Атина, беше уште еден непобитен доказ кога на општо разочарување, од граничните премини кон Грција, беа вратени полните автобуси со Македонци, учесници на Светската средба во Скопје.

Имено, по завршувањето на првата средба на некогашните деца-бегалци, десетици и десетици од нив со канадски, американски, австралиски и разни европски пасоши, тргнаа кон границата за да ги посетат местата во кои се родиле и од каде беа протерани. Наидоа на затворена гранична рампа, беа вратени со некои апсурдни, штури трагикомични образложенија или без нив. Но, главно е, дека се вратени како непожелни, неподобни и како опасни елементи по безбедноста на Грција.

ssss1Група деца прогонети од Егејска Македонија

Тоа се вртеше во одговорите на границата што предизвика многу горчина, гнев, бескрајно чудење и солзи кај оние кои поминаа стотици и илјадници километри и отидоа со надеж дека граничната рампа нема да биде затворена. По таквата ситуација, огромен беше револтот и кај сите Македонци, како и кај многумина од светот што беа дојдени да ја следат средбата во Македонија, а кои ја знаат трагичната судбина, бидејќи беа добро информирани за илјадниците деца прогонети под воена закана. И кога како малечки дечиња, голем број од нив во раце беа носени по долгите и тешки патеки кон Република Македонија, односно кон тогашната Југославија и други земји, и со една единствена цел – само за да бидат спасени од најлошото сценарио на грчките режими.

Колку ли биле трагични сцените кога децата биле одделувани од своите мајки и татковци, од своите најблиски: брат, сестра, дедо и баба и кога најблиските се откорнуваа од коренот свој. Сиот тој емоционален набој и сплетот на околности уште повеќе ги сплоти Македонците, па средбата беше манифестација на национално единство и своевиден семакедонски парламент, составен од пратеници од сите континенти и меридијани.

Потресните приказни за присилата на 28.000 деца, на возраст од 2 до 15 години, во 1948 година кога беа разделени од родителите, допреа до многу срца. Самите страдалници раскажуваа за патувањата до југословенската граница исцрпени, уплашени, гладни и жедни, многумина и болни. Со влезот на македонска територија биле веднаш разместувани и упатувани во детски домови и разни прифатни центри и институции, не само во тогашна Југославија, туку и во Полска, Чехословачка, Русија, Романија, Унгарија, Бугарија и други земји.

Во историските анали останува дека Граѓанската војна во Грција (1946-49) го наметна проблемот со децата-бегалци што мораа да бидат спасувани пред налетот на монархо-фашистите, како и од бомбардирањата, гладот и болестите. Боси, слабо облечени, обземени со тага и болка во детската душа како ли пропешачиле толку многу километри низ планини и полиња, со цел да се  извлечат од канџите на смртта.

sssss1Споменикот за децата прогонети, во Скопје

Прогонството засекогаш ја измени етничката структура во егејскиот дел на Македонија. Се поткопуваа  ли   темелите на идниот опстој, кога најмладата популација Македончиња, беа десеткувани. Илјадници неповратно заминаа, распрснати по светот. Голем број никогаш повеќе не се видоа, никогаш повеќе не се вратија. Судбината нив засекогаш ги раздели.

Таговни беа средбите во Скопје и другите градови кога едвај се препознаваа, а биле толку блиски или најсвои. Се гушеа од емоции во долгите прегратки споделувајќи ги братско-сестринските чувства. На изложбите на старите фотографии се бараа да се најдат каде се. Шетаа од слика до слика. Некои ќе се препознаеја, а други не. На свечената академија одекнаа силните пораки до светот, никогаш повеќе да не се повтори нешто слично, како тој што беше еден од најголемите егзодуси во современа Европа.

Првата средба на децата-бегалци на јубилејната годишнина одржана од 30 јуни до 3 јули 1988 година во Македонија, беше одлично изорганизирана од домаќините, како смотра на сплотеноста, припадноста и единството, каде и да се Македонците. Тоа беше еден од најмасовните собири на Македонци од сите делови и континенти одржани во Македонија. Всушност, тоа беше средба на децата-бегалци кои ја имаа судбината на откорнатите од родните огништа.

Некои не успеаја никогаш да добијат влез на грчките граници бидејќи биле ставени на црната листа како опасни за Грција.

Целата атмосфера, многуте животни стории, многуте средби и другите манифестации длабоко допреа до чувствата на Стив и Лили Пљакас.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН