Почна рехабилитацијата и реконструкцијата на патната мрежа во Пробиштип

Почна  рехабилитацијата на патниот правец од место викано  Киселица – Ратавица – Злетово – Древено – Добрево – Пробиштип во должина од 17,3 километри, информира градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.   

Вредноста на оваа рехабилитација е 1,5 милиони евра или 91,7 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија, преку Јавното претпријатие за државни патишта. Рехабилитацијата на оваа патна делница се очекува да заврши до крајот на август.

– Во текот на наредните денови очекуваме да започне и реконструкција на патниот правец Пробиштип – Крупиште во должина од 18 километри, којшто Пробиштип го поврзува со Штип, Кочани и остантите општини од источна Македонија, вели Анастасов.

Градежната компанија „Гранит“ ќе има за задача да направи целосна реконструкција и рехабилитација на овој регионален пат, кој е во многу лоша состојба. Инвестицијата чини 212.751.569 денари, а договорот е веќе потпишан со ЈП за државни патишта. 
Анастасов најави и градежни зафати и низ градот и руралните подрачја.

– По завршување на тендерските постапки ќе започнеме со градежни активности и на улицата „Црн Врв“ во Пробиштип, улица во населба Пробиштип, улица паралелна со улицата „Никола Карев“  и неколку улици во селата Плешенци и Долни Стубол , рече Анастасов.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *