Заев потврди – в недела лидерска средба

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека е потврдена лидерската средба за в недела со претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање дали ќе се одржи лидерска средба, Заев по презентацијата на резултатите од проектот за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата во Клубот на пратениците, кусо одговори дека средбата со Мицковски е потврдена за в недела, не прецизирајќи го терминот.

Претседателските избори, реформските закони и Специјалното јавно обвинителство, како што е најавено, ќе бидат трите клучни прашања на кои ќе се разговараат Заев и Мицкоски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно потврди дека ќе се разговара за тие три значајни прашања.

– Претседателските избори кои следуваат како императив и предуслов за интегрирање во структурите на НАТО и ЕУ, па во делот кој се однесува на реформските закони, бидејќи досега имаше дијалог, тимови работеа на оние закони коишто можеме да кажеме дека се реформски, и ќе разговараме за СЈО и предлог-законот за иднината на СЈО, кој денес го добивме во работна верзија, изјави синоќа Мицкоски во емисијата Отворено на ТВ Алфа.

Како претседател на Влада, кој пред 21 месец бил опозиција, изјави вчера Заев, треба да разговарам со лидерот на опозицијата, затоа што, подвлече меѓу другото, Северна Македонија мора да има кристално чист изборен процес и тоа е обврска на сите.

– Ќе разговараме и за реформските закони, но ниту јас ниту Мицкоски сме најстручни, треба стручни луѓе од Парламентот и од Министерство за правда да седнат на маса, рече Заев.

Во однос на тоа дали средбата ќе се одржи на православниот празник Прочка в недела, и дали ќе си простат со лидерот на опозицијата, Заев рече дека е транспарентен во духот на помирувањето.

– Во духот на простувањето и помирувањето сум многу транспарентен, на луѓето што држеа пиштол и што викаа немам чиста мета, им простив, затоа што животот треба да тече напред. Ние со Мицкоски немаме ништо лично. Ќе продолжам да негувам позитивен дух. На нашата земја и треба дијалог, дијалогот е ветер во грб во сите наши аспирации и ќе продолжам во тој дел без разлика колку се инсинуираат лоши зборови. Ќе продолжам во интерес на државата да го негувам дијалогот, рече вчера Заев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *