Се одбележува 76 годишнината од депортацијата на Битолските Евреи

Наставниот кадар и студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО-Битола со поддршка од Холон институтот за технологија од Израел, низ фотографии поставени на Google Maps ќе потсетуваат за еврејското минато на Битола .

Првите слики се за Еврејските гробишта, а потоа приказната ќе се дополнува со други слики од еврејските маала и објекти кои некогаш и денес постојат во Битола, најавија организаторите на програмата посветена, и со која се одбележува 76 годишнината од депортацијата на Битолските Евреи.

Во Битола пристигна и внуката на д-р Хаим Абраванел, Рахел Шели Леви Друмер, која упати јавна покана в недела битолчани да се приклучат на централниот настан и да учесвуваат на „Марш на животот“ во знак на почит и сеќавање на згаснатите животи на депортираните Евреи од Битола.

-Евреите имаат топли чувства кон Битола. Нас срцето ни е тука. В недела со мене ќе маршираат и професори од Универзитетот Бариланд кои за време на престојот ќе осварат средба со ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ за да договорат голема конференција за Евреите во Битола. Од Израел ќе дојде и голема група од втора и трета генерација битолчани кои живеат во Израел, млади луѓе кои учат и учат како да се толерираме, да се сакаме и да бидеме дел од Битола, порача  Шели.

Според програмата, централниот настан закажан за в недела ќе почне со положување цвеќе пред споменикот пред Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола, а потоа од 13:30 часот започнува „Маршот на животот“ по Широк Сокак до Железничката станица.

Организаторот најави дека во Маршот ќе се вклучат видни гости меѓу кои и министерот за Ерусалим, по чија заслуга е направена Ерусалимската патека во Еврејските гробишта во Битола. Најавени се и македонски министри, странски делегации и други гости кои ќе сведочат и на поставувањето на Сончев часовник на Еврејските гробишта во Битола кој го изработи Еврејскиот скулптор, Мати Грундберг.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *